Кошаркарите на ТФТ Скопје остварија огромен успех и се пласираа во полуфиналето од плеј-офот во регионалната АБА 2 лига! Во решавачкиот трет натпревар од четвртфиналната серија, избраниците на тренерот Боро Смилковски одиграа маестрално на гостувањето во Чајетина и го совладаа фаворизираниот Златибор Моцарт со 90:80 (по четвртини: 28:15, 10:21, 19:23, 33:21).
Со оваа победа, македонскиот претставник ја затвори серијата со 2-1 во победи и закажа полуфинална пресметка против црногорска Сутјеска.
ТФТ фуриозно го отвори натпреварот и по само 10 минути игра имаше двоцифрена предност (28:15). Домаќините, сепак, возвратија во втората четвртина и до полувремето успеаја да ја намалат разликата на само два поени (38:36 за ТФТ). Третиот период донесе изедначена борба и чести промени на водството, па Златибор во решавачките десет минути влезе со минимална предност од 59:57.
Но, кога беше најпотребно, скопскиот тим ја покажа својата класа. Иако Џастин Гордон брзо влезе во проблеми со лични грешки, „црно-белите“ имаа одличен одговор од клупата. ТФТ направи клучна серија во последниот период, преземајќи ја контролата врз резултатот. Во финишот, искуството и смиреноста пресудија, па македонскиот тим стигна до сигурен триумф од 90:80.
Апсолутен херој во победничкиот табор беше Дарин Говенс, кој го заврши мечот со импресивни 23 поени, 7 скока и 8 асистенции (индекс 37). Одлична поддршка имаше од Ѓорѓи Зафиров со 14 поени и 6 скока, додека Виктор Ташовски и Михаил Стојанов додадоа по 13 поени (Стојанов одигра без промашување од поле: 3/3 за два и 2/2 за три поени). Кај домашните, најефикасен беше Матеј Чибеј со 16 поени.
Полуфиналната серија (подобар од три натпревари) против Сутјеска започнува на 8-ми април со натпревар во Никшиќ. Реваншот во Скопје е закажан за 15-ти април, додека евентуалната мајсторица би се играла на 22-ри април, повторно во Црна Гора.



