Најсилната фудбалска лига на светот, англиската Премиер лига, и официјално обезбеди најмалку пет места во Лигата на шампионите за натпреварувачката 2026/27 сезона. Оваа потврда пристигна по вечерашната победа на Арсенал над Спортинг (1-0), со што Англија по вторпат по ред го осигура т.н. „European Performance Spot“ (EPS).
УЕФА доделува дополнителни места за двете лиги со најдобар вкупен коефициент во тековната сезона, а супериорноста на англиските клубови оваа година не остави простор за сомнеж.
Како Англија стигна до петтото место?
Иако само пет англиски клуба успеаја да се пласираат во четвртфиналната фаза на трите европски натпреварувања, поените собрани за време на лигашката фаза беа пресудни. Сите девет премиерлигаши кои ја започнаа Европа стигнаа до осминафиналето, што на Англија и донесе недостижна предност на табелата со коефициенти.
Додека Шпанија е фаворит за второто дополнително место, пред Германија и Португалија, Англија е веќе сигурна. Тоа значи дека петтата позиција во Премиер лигата, за која моментално се води жестока битка, гарантира настап во елитата.
Луда трка за петтата позиција
Веста за петтиот патник дополнително ќе ја вжешти атмосферата во Англија. Моментално, Ливерпул е на петтото место со 49 бодови, но разликата до 13-то место е само неверојатни седум бода.
| Клуб | Бодови | Позиција |
|---|---|---|
| Ливерпул | 49 | 5. |
| Челси | 48 | 6. |
| Брентфорд | 46 | 7. |
| Евертон | 46 | 8. |
| Фулам | 44 | 9. |
Покрај овие тимови, во трката сè уште се и Брајтон, Сандерленд, Њукасл и Борнмут, што гарантира досега невидена драма во последните осум кола од шампионатот.
Сценарио со шест или дури седум тима во ЛШ?
Математиката дозволува Премиер лигата да испрати уште поголем број претставници во Лигата на шампионите. Доколку Астон Вила (моментално 4-та) ја освои Лигата на Европа, а заврши надвор од топ 4, Англија ќе има шест претставници.
Истото важи и за Ливерпул. Доколку „црвените“ ја освојат Лигата на шампионите, а завршат на петтото место, тогаш шестопласираниот тим во Премиер лигата ќе добие виза за ЛШ преку EPS местото. Во теоретско сценарио каде англиски тимови би ги освоиле ЛШ и ЛЕ, а би завршиле на петтото и шестото место, дури и седмата позиција на табелата би водела во најелитното натпреварување.
Дополнителен фактор е и Нотингем Форест, кој е во четвртфиналето на Лигата на Европа. Доколку „шумарите“ го повторат минатогодишниот успех на Тотенхем и ја освојат титулата додека се во долниот дел на табелата, Англија автоматски добива уште еден патник во ЛШ.



