(Видео) Македонска гордост во АБА 2: Ташовски и Гордон ја урнаа Сутјеска

 

Објавено:

Кошаркарите на ТФТ Скопје испишуваат нови страници во македонската и регионалната кошаркарска историја! Избраниците на тренерот Боро Смилковски приредија огромно изненадување совладувајќи ја Сутјеска Електропривреда на гостински терен во Никшиќ со резултат 88:93.

Со овој триумф (1:0 во победи), македонскиот претставник дојде на само една победа до пласман во големото финале на АБА 2 лигата. ТФТ ќе има историска шанса да го завери овој успех следната недела, кога пред својата публика во Скопје ќе го пречека црногорскиот тим во вториот натпревар од полуфиналната серија.

Скопјани одиграа феноменално прво полувреме во кое доминираа во секој сегмент од играта. Уште во првата четвртина обезбедија предност од 9 поени (22:31), за на големиот одмор да заминат со недостижни 18 поени позитива (41:59).

Во вториот дел, домаќините од Никшиќ се обидоа да се вратат во игра, користејќи го проблемот со лични грешки во таборот на ТФТ. Сутјеска успеа да намали на само 6 поени негатива, но македонскиот тим покажа неверојатен карактер. Со клучна серија помеѓу 33-тата и 35-тата минута, ТФТ повторно ја врати двоцифрената предност (72:86) и мирно го приведе натпреварот кон крајот.

Апсолутен херој во редовите на ТФТ Скопје беше Виктор Ташовски, кој одигра натпревар за паметење постигнувајќи дури 28 поени, надополнети со 6 асистенции и 3 скока. Неверојатен придонес имаше и Џастин Гордон со дабл-дабл учинок од 14 поени и 12 скока, додека Стенли Дејвис беше блиску до трипл-дабл со 14 поени, 9 скока и 9 асистенции.

Кај поразениот тим на Сутјеска, најефикасен беше Филип Баровиќ со 17 поени.

„Ова е фантастичен резултат. Одигравме маестрално прво полувреме со 16 асистенции и преку 50 постигнати поени. Очекувавме Сутјеска да притисне во вториот дел, но успеавме да издржиме и покрај проблемите со фаули. Денес е убаво да се биде дел од ТФТ, но серијата не е готова. Мора веднаш да почнеме со подготовки за следниот меч,“ изјави по натпреварот тренерот на ТФТ, Боро Смилковски.

Доколку ТФТ ја искористи предноста на домашниот терен во Скопје, ќе испише историја со својот прв пласман во финалето на регионалното натпреварување.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено