Надежите на Ливерпул за европска титула се на сериозен тест откако тимот на Арне Слот доживеа нов болен пораз, овојпат на гостувањето кај актуелниот европски првак Париз Сент-Жермен со 2-0. Во првиот чин од четвртфиналната пресметка, „Светците“ покажаа зошто го носат епитетот фаворити, доминирајќи против непрепознатливиот Ливерпул кој не успеа да упати ниту еден прецизен удар во рамките на голот.
Ова е веќе 16-ти пораз за „Црвените“ во оваа турбулентна сезона, кои по дебаклот од Манчестер Сити минатиот викенд (4-0), повторно изгледаа немоќно на големата сцена.
Среќата на Дуе и магијата на Кварацхелија
Арне Слот започна со дефанзивна формација со петмина во задната линија, обидувајќи се да спречи нова катастрофа, но планот пропадна по само 11 минути игра. Младиот Дезире Дуе упати удар кој незгодно го закачи Вирџил ван Дајк, топката доби чудна патека и го прелета немоќниот Гиорги Мамардашвили за водство од 1-0.
Ливерпул остана во игра благодарение токму на Мамардашвили, кој одлично го менуваше повредениот Алисон. Грузискиот голман со неколку фантастични интервенции спречи поголема катастрофа, но не можеше ништо во ситуацијата кога неговиот сонародник Хвича Кварацхелија ја покажа својата класа. По една брилијантна топка од Жоао Невеш, Кварацхелија мајсторски го заобиколи голманот и зголеми на 2-0.
ПСЖ пропушти шанса за „петарда“, Исак се врати на теренот
Резултатот можеше да биде многу поубедлив доколку ПСЖ ги искористеше сите свои шанси. Усман Дембеле промаши три големи прилики, еднаш ја погоди и рамката од голот по грешката на Фримпонг, а пеналот досуден за фаул над Заир-Емери беше поништен по интервенција на ВАР.
Единствената светла точка за навивачите на Ливерпул беше враќањето на Александер Исак. Напаѓачот ги одигра своите први минути по повредата со која се здоби во декември, но дури ни тој не успеа да го раздвижи апатичниот напад на гостите.
Енфилд чека ново чудо
Иако ПСЖ има огромна предност, Ливерпул ќе се надева на уште една магична ноќ под рефлекторите на „Енфилд“ следниот вторник. Историјата не учи дека „Црвените“ никогаш не смеат да се отпишат дома, но со оглед на формата и доминацијата на Парижаните, тимот на Слот ќе мора да одигра совршен меч за да го сврти овој двомеч.



