Легендарниот бразилски напаѓач и освојувач на Светското првенство во 1994 година, Ромарио, во најновото ексклузивно интервју за францускиот L’Équipe изрази голема загриженост за состојбата во која се наоѓа бразилскиот фудбал. Според него, репрезентацијата на Бразил се соочува со сериозен технички пад и губење на својот препознатлив идентитет, што резултира со намален ентузијазам кај навивачите пред претстојниот Мундијал.

„Технички, Бразил навистина падна. Од генерацијата на Роналдо, Роналдињо и Ривалдо, работите станаа тешки. Станавме премногу зависни од еден единствен играч: Нејмар. Од друга страна, нашите млади фудбалери прерано заминуваат во Европа, се приклучуваат на помали клубови каде што брзо ја губат својата бразилска ДНК,“ изјави Ромарио, кој денес активно се занимава со политика како сенатор.

И покрај критиките за системот и развојот на младите играчи, тој смета дека „Кариоките“ сè уште имаат шанса да го подигнат пехарот на претстојното Светско првенство.
„Бразил може да биде шампион, благодарение на својата историја, искуството и секако, доколку Нејмар успее да се врати во вистинската форма.“
Оваа изјава на Ромарио предизвика бурна дебата во фудбалската јавност, особено на социјалните мрежи. Многумина фанови сметаат дека надежта за враќање на Нејмар во топ форма е само илузија. Триесет и тригодишниот напаѓач веќе подолго време се мачи со сериозни повреди, а неодамна новиот селектор на Бразил, Карло Анчелоти, одлучи да не го повика за пријателските натпревари против Франција и Хрватска, токму поради неговата физичка неподготвеност. Самиот Нејмар неодамна јавно призна дека сериозно размислува за пензионирање.
Во истото интервју, Ромарио се наврати и на своите славни денови, откривајќи дека негов најголем пропуст во кариерата е фактот што никогаш не ја освоил „Златната топка“.
„Не знам дали лесно ќе ја освоев „Златната топка“ во 1994 година, но сигурно ќе бев многу сериозен кандидат. Проблемот беа правилата кои до 1995 година не дозволуваа играчи надвор од Европа да го освојат признанието. Искрено, бев уништен што не ја освоив. Но, бидејќи наградата замина кај мојот пријател и соиграч од Барселона, Христо Стоичков, гневот ми беше помал,“ призна легендарниот голгетер.

Дали критиките на Ромарио ќе стигнат до раководството на бразилскиот фудбал и дали Нејмар навистина може да биде спасителот на нацијата на претстојниот Мундијал, останува да видиме.




