Светот на спортските колекционери синоќа беше сведок на еден од најретките настани во историјата на тенисот. Шампионскиот пехар на Борис Бекер од УС Опен во 1989 година беше продаден на аукција за неверојатни 357.456 долари, поставувајќи еден од највисоките износи некогаш платени за тениска меморабилија.
Ова е првпат во „Опен ерата“ еден оригинален машки трофеј од US Open да се најде на јавна продажба, што ја прави оваа зделка уште позначајна.
Од музејските витрини до аукција
Трофејот што Бекер го освои со победата над Иван Лендл во 1989 година (негова единствена титула во Њујорк), со години беше позајмен во Меѓународната тениска куќа на славните во Њупорт. Сепак, неговата судбина се промени по добро познатите банкрот-процедури на германската легенда во 2019 година.
Пехарот беше запленет како дел од имотот за отплата на долговите на Бекер, кој подоцна помина и осум месеци во затвор поради прикривање на имот. Интересно е што во 2019 година истиот трофеј беше продаден за околу 190.000 долари, што значи дека неговата вредност речиси се удвои за само седум години.

Реткост каква што тенисот не памети
Според Мет Кашин, основачот на „The Tennis Auction“, ваква можност се појавува еднаш во животот.
„Тешко е да се замисли дека друг Грен слем трофеј ќе се појави на пазарот во скоро време. Играчите никогаш не сакаат да се разделат од своите пехари, тие се „светиот грал“ на нивните кариери. Ова беше навистина необична и ретка околност поради ситуацијата со Бекер“, вели Кашин.
Рекорди на тенискиот пазар
Иако сумата е импресивна, рекордот за најскап тениски предмет и понатаму го држи рекетот на Новак Ѓоковиќ од историското финале на Австралија Опен во 2012 година, кој во јануари беше продаден за неверојатни 540.000 долари. Сепак, овој пехар на Бекер ја дуплираше претходно највисоката цена на оваа платформа, надминувајќи го рекетот на Карлос Алкараз од финалето на Вимблдон во 2023 година.



