Атлетико Мадрид е вториот патник во полуфиналето на Лигата на шампионите вечерва, откако во вистински трилер на „Метрополитано“ успеа да ја одбрани предноста од првиот меч. Иако Барселона победи во реваншот со 2-1, избраниците на Диего Симеоне продолжуваат понатаму со вкупни 3-2 во двомечот кој ги оправда сите очекувања.
„Каталонците“ уште од самиот старт мотивирани тргнаа во мисија за пресврт и за само 24 минути успеаја да го направат она во што ретко кој веруваше – целосно да ја анулираат предноста на Атлетико.
Фуриозен старт и магијата на Јамал и Торес
Натпреварот започна како во сон за тимот на Ханси Флик. Веќе во 5-та минута, младиот Ламин Јамал ја искористи грешката на поранешниот дефанзивец на Барса, Клемен Ленгле, и го совлада Мусо за 1-0.
Шокот за домашните навивачи стана уште поголем во 24-та минута кога Феран Торес со маестрален удар со левата нога ја „скина“ мрежата во горниот агол за огромни 2-0 на семафорот и израмнување на вкупниот резултат.
Лукманот кој го „изгасна“ пожарот
Барселона имаше златна шанса за целосен пресврт и 3-0, но голманот Мусо со неверојатна одбрана го спречи ударот со глава на Фермин Лопез. Казната стигна веднаш. Во 31-та минута, Маркос Љоренте проби по десната страна и го пронајде Адемола Лукман, кој ладнокрвно погоди за 2-1 (вкупни 3-2), враќајќи го мирот во редовите на мадридскиот тим.
VAR драма и уште еден црвен картон за Барса
Второто полувреме донесе нови возбудувања. Феран Торес повторно ја затресе мрежата во 55-та минута со прекрасен волеј, но по интервенција на VAR собата, голот беше поништен поради офсајд.
Како и во првиот меч кога поцрвене Кубарси, така и синоќа Барселона остана со десет играчи. Ерик Гарсија беше исклучен откако го сопна Александар Сорлот кој иташе во чиста шанса за гол. Со играч помалку, Барса продолжи да притиска, но „челичната“ одбрана на Симеоне не попушти до самиот крај.
Патот кон финалето
Атлетико Мадрид со овој триумф закажа полуфинале против подобриот од дуелот меѓу Арсенал и Спортинг Лисабон. „Јорганџиите“ сега се на само еден чекор до своето прво финале во Лигата на шампионите по десет години (од 2016-та), додека Барселона и покрај херојската борба, ќе мора да се задоволи со титулата во Ла Лига и да чека нова шанса за европски трон следната година.



