Меси во центарот на скандал: Тужба тешка седум милиони долари

 

Објавено:

Лионел Меси се соочува со сериозни правни предизвици откако промотерската компанија „ВИД“ од Мајами поднесе тужба против него и Фудбалскиот сојуз на Аргентина. Причината е претрпената голема финансиска штета настаната поради неодигрувањето на еден од договорените пријателски натпревари на „гаучосите“.

Договор со „тежина“ од седум милиони долари

Според наводите во тужбата, компанијата „ВИД“ склучила договор со Аргентинскиот фудбалски сојуз (АФА) вреден седум милиони долари. Договорот опфаќал ексклузивни права за организација на два пријателски натпревари во октомври минатата година: против Венецуела и Порторико. Клучна клаузула во договорот била обврската Меси да одигра најмалку 30 минути на секој од двата меча, освен во случај на повреда.

Конфликтот ескалираше кога Меси не се појави на теренот против Венецуела на стадионот „Хард Рок“, туку натпреварот го проследи од трибините. Незадоволството на промоторот стана уште поголемо кога само еден ден подоцна, Меси настапи за својот клуб, Интер Мајами, против Атланта Јунајтед. Овој потег за тужителот е доказ дека не постоела објективна пречка, односно повреда, која би го спречила капитенот на Аргентина да настапи за репрезентацијата.

Извор: https://www.sportsnet.ca/(Jay LaPrete/AP)

Дополнителни загуби и нереализирани компензации

Покрај отсуството на Меси, тужбата на „ВИД“ ја нагласува и финансиската штета од над еден милион долари, предизвикана од преместувањето на еден од мечевите од Чикаго во Форт Лодердејл. Како дополнителен аргумент, компанијата наведува дека од АФА им било ветено обештетување преку идни пријателски натпревари во Кина во текот на 2026 година, но тој договор никогаш не се реализирал. Поради ова, компанијата сега бара судска отштета за изгубената заработка.

Не е првпат: Меси и „лажните“ реклами

Овој случај е само последен во серијата контроверзи поврзани со настапите на Меси. Сличен инцидент се случи и минатиот месец во Канада, каде беше постигната судска спогодба откако навивачите ги тужеа МЛС лигата и клубот Ванкувер Вајткепс за „лажен маркетинг“. Тогаш, навивачите купија билети очекувајќи да ги гледаат ѕвездите на Интер Мајами: Меси, Суарез и Бускетс, но тие воопшто не отпатуваа со тимот. Спогодбата беше тешка 329.000 долари, иако клубовите официјално ја отфрлија одговорноста за пропустот.

Гостинска статија на Марија Петровска

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

 
 

Тазе објавено