Дека посетата на претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, на Скопје не беше само од работен и административен карактер, потврдува и прекрасниот гест на претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ. Првиот човек на европскиот фудбал од вчера е сопственик на нов, верен пријател, кученце од расата шарпланинец, кое го носи моќното име Македон.
Овој подарок не е само личен чин, туку и огромна промоција на македонското национално богатство и автохтоната раса која е симбол на храброста и верноста.
„Македон“ – нов член на семејството Чеферин
Кученцето потекнува од познатата одгледувачница „Sharplaninac the GOD of Macedonia“, од каде со гордост објавија дека нивниот „Македон“ отсега ќе биде дел од секојдневието на претседателот на УЕФА.
„Голема чест и гордост за нашата одгледувачница е што од денес Македон ќе биде нов член во семејството на Александар Чеферин. Упатуваме голема благодарност до претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, кој се одлучи на Чеферин да му подари кученце токму од оваа раса, која претставува вистинско национално богатство“, објавија од одгледувачницата.
Промоција на македонските корени
Подарувањето на шарпланинец на високи државници и светски лидери е стара традиција со која се нагласува македонскиот идентитет и традиција. Со овој гест, Омерагиќ направи голема меѓународна промоција на шарпланинецот, кој сега ќе биде „амбасадор“ на Македонија во домот на еден од најмоќните луѓе во светот на спортот.
Чеферин, кој е познат како љубител на природата и животните, со насмевка го прифати новиот пријател, симболизирајќи ја силната врска и пријателство меѓу УЕФА и Македонија, која отсега ќе се негува и преку лојалноста на шарпланинецот Македон. Ние само се надеваме дека знае колкаво ќе порасне ова џиновско бебе 🙂



