Денеска со натпреварот во Кавадарци се отвора 28. рунда во Првата македонска фудбалска лига, а пресметката меѓу Тиквеш и Шкендија (15:00 часот) привлекува огромно внимание. Ова не е само дуел на два квалитетни тима, туку судир на екипи кои во моментов имаат дијаметрално спротивни, но подеднакво важни цели.
Тиквеш, кој од екипа која се бореше за опстанок прерасна во „џин-убиец“ кој не се плаши од никого, влегува во овој меч по големата победа над Струга Трим Лум (1:2). Од друга страна, Шкендија како актуелен шампион нема право на кикс доколку сака да го задржи чекорот со Вардар во трката за одбрана на титулата.
Најдовски: „Тактичка зрелост за нов голем скалп“
Стандардниот првотимец на кавадарчани, Никола Најдовски, верува дека неговиот тим ја научил лекцијата од претходната пресметка со тетовци и дека овојпат концентрацијата ќе биде на највисоко ниво.
„Одигравме навистина добар и важен натпревар во Струга, атмосферата е одлична. Против Шкендија претходно имавме контрола, но падот на концентрацијата во вториот дел нè чинеше резултат. Очекувам динамичен и борбен меч. Ја респектираме Шкендија, но со максимална концентрација и исполнување на тактичките замисли, верувам дека бодовите можат да останат кај нас“, истакна Најдовски.
Крстевски: „За нас секој меч е финале“
Во таборот на шампионот владее мобилизација. Разликата од само еден бод во однос на лидерот Вардар не дозволува опуштање, а напаѓачот Ване Крстевски најавува дека Шкендија доаѓа во Кавадарци со „нож меѓу заби“.
„Физички замор постои поради густиот распоред, но тој не е присутен во нашите глави. Поразот од Пелистер ни беше лекција, а сега секој натпревар за нас е финале. Тиквеш е квалитетен тим и натпреварите со нив се секогаш отворени и атрактивни, но нашата цел е јасна – одиме во Кавадарци по трите бода“, дециден е Крстевски.
Со оглед на формата на Тиквеш и шампионските амбиции на Шкендија, на Градскиот стадион во Кавадарци нè очекува вистински фудбалски спектакл во кој нијанси ќе го одлучуваат победникот.



