Кошаркарите на ТФТ Скопје продолжуваат да ја живеат својата бајка! Откако обезбедија историско финале во АБА 2 лигата, момците од Тафталиџе попладнево приредија уште една сензација, совладувајќи го актуелниот првак МЗТ Скопје Аеродром со 93:91 во супер-дербито од 24-тото коло во Суперлигата (второ коло од ТОП 6 фазата).
Натпреварот одигран во салата во Маџари понуди сè што еден кошаркарски трилер може да посака, пресврти, неверојатни серии, двоцифрени предности и инфаркт-завршница во која херој беше македонскиот репрезентативец Виктор Ташовски.
Од амбис до епски пресврт
Гостите од Аеродром подобро го отворија мечот и ја добија првата четвртина со 20:26. ТФТ возврати со одлична одбрана во вториот период и на полувреме замина со минимална предност од 43:41.
Вистинската бура се случи во третата четвртина. МЗТ Скопје влезе во својот препознатлив ритам и буквално го „разнесе“ противникот, постигнувајќи дури 34 поени во овој период. Предводени од браќата Стојановски и Мек Смит, „штрковите“ во последните десет минути влегоа со огромна предност од 14 поени (61:75), а на стартот од четвртиот период имаа и максимални +16 (61:77). Изгледаше дека натпреварот е решен.
Но, избраниците на Боро Смилковски не мислеа така. Предводени од нерешливиот Ташовски и Дерен Говенс, „црно-белите“ започнаа неверојатна потера. Со фуриозна игра ја стопија негативата и на неколку минути до крајот дури и поведоа (83:79).
Драма во последните секунди
Завршницата беше за инфаркт. На само 12 секунди до крајот, при резултат 89:87, младиот Иванов промаши едно слободно фрлање за ТФТ (90:87). МЗТ веднаш казни преку Марин Петков, кој на 8 секунди до крајот погоди луда тројка за израмнување (90:90).
И кога сите очекуваа продолженија, топката ја зеде Виктор Ташовски. Репрезентативниот бек го претрча целиот терен и од тешка позиција, со звук на сирената, погоди спектакуларна тројка за конечни 93:91, предизвикувајќи ерупција од радост во салата!
Бројки и табела
Убедливо најдобар поединец на паркетот беше токму херојот Ташовски со 27 поени, 3 скока и 3 асистенции. Џастин Гордон придонесе со 19, а Говенс со 16 поени (и 8 асистенции). Кај МЗТ Скопје, Мек Смит имаше 18 поени и 11 асистенции (но и 10 загубени топки), а исто толку поени уфрли и Војдан Стојановски.
Со оваа огромна победа, ТФТ се зацврсти на првото место на табелата со 45 бодови (скор 21-3), додека МЗТ Скопје остана втор со 43 бодови (скор 20-4). Во следното коло, ТФТ му гостува на Пелистер, додека МЗТ ќе игра против Тиквеш.



