Вардар е ВАРДАР: Скопската институција преживеа драма со Охрид и го освои Купот!

 

Објавено:

Македонскиот ракомет дефинитивно прераснува во еден од најатрактивните и најквалитетните спортски производи во Европа. Тоа најдобро се докажа вечерва во преполната сала „Парк“ во Струмица, каде публиката сведочеше на вистински ракометен спектакл. Во големото финале на Купот на Македонија, РК Вардар 1961 успеа да ја преживее неверојатната драма и по огромна битка да го совлада храбриот и борбен тим на ГРК Охрид со 24:23 (13:12).

Ова е втор трофеј по ред за „црвено-црните“ во ова натпреварување, и вкупно 18-ти во нивната богата клупска историја. Уште еднаш се потврди непишаното правило: Вардар е институција! Нивната душа е црвено-црна (баш како и боите на Спортска Станица 😉), а карактерот им е шампионски дури и кога се притиснати до ѕидот.

Од друга страна, солзите на ракометарите на Охрид по последниот судиски свиреж говорат колку многу го посакуваа овој историски прв трофеј. Сепак, момците на Борис Ројевиќ заслужија огромен респект за прикажаното, тие се вистински пример за тоа како се сака и се бори за својот клуб и град.

Тек на натпреварот: Од доминација до инфаркт-завршница

Вардар отвори фуриозно. Во првите десетина минути, предводени од разиграниот Јака Малус и Митровиќ, скопјани поведоа со 6:2, а нешто подоцна имаа и 8:4. Изгледаше дека избраниците на Иван Чупиќ лесно ќе го скршат отпорот на противникот. Но, Охрид одби да се предаде. Со серија голови на Јагуриновски и Лиапис, „Гладијаторите“ се вратија во игра и на полувреме заминаа со само еден гол негатива (13:12 за Вардар, благодарение на голот на Малус во последните секунди).

Второто полувреме донесе вистински вулкан од емоции. Охрид влезе во неверојатен ритам, а голманот Пилиповиќ почна да брани сè. Во 42-рата минута, преку Јасухира, Ѓукиќ и Савревски, охриѓани за првпат поведоа со највисоки 20:17!

Чупиќ веднаш реагираше со тајм-аут. Вардар одговори со шампионски карактер, серија од 5:1 (преку Малус, Горига и Да Силва) за враќање на водството од 22:21 во 50-тата минута. Следеше период во кој на сцена стапија голманите.

Малус Неверојатниот и ѕидот Милош Валах

Како што рече коментаторот на МРТ: „Малус Неверојатниот!“. Словенецот одигра симултанка, постигнувајќи 8 голови кога беше најпотребно. Но, вистинскиот херој во одбраната беше Милош Валах. Полскиот голман на Вардар блесна во клучните моменти (вкупно 10 одбрани).

Најдраматичниот момент се случи во 58-мата минута. При резултат 24:23 за Вардар, Охрид доби седмерец. Косуке Јасухира (кој претходно постигна спектакуларен гол „сув лист“) застана на линијата, но Валах фантастично одбрани! Во последниот напад, иако Вардар играше со играч помалку поради исклучувањето на Георгиевски, Охрид не успеа да реализира „цепелин“ акција, по што започна големото славје на „Комитите“ и вардарци.

Кај победниците, Малус (8) и Горига (6) беа најефикасни, додека кај Охрид се истакнаа Ѓукиќ и Јасухира со по 5 погодоци.

Спортска Станица испраќа огромна поддршка до сите македонски ракометни клубови, Вардар, Пелистер, Алкалоид, Охрид, Бутел, Тиквеш и останатите. Вие сте вистински пример како треба да се работи и како треба да изгледа спортот во Македонија. Само напред!

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено