НБА Плејоф: Леброн го сопре Дјурант, повреда на Вембањама, дебитант го покори Бостон!

 

Објавено:

Возбудувањата во НБА плејофот продолжуваат со неверојатен интензитет. Изминатава ноќ донесе неочекувани херои, драматични пресврти, но и една застрашувачка повреда која може да го промени текот на Западната конференција.

Леброн подобар од Кевин Дјурант – Лејкерс водат со 2-0!

Иако многумина ги отпишаа поради отсуството на Лука Дончиќ и Остин Ривс, Лос Анџелес Лејкерс приредија нов подвиг и го совладаа Хјустон Рокетс со 101-94. Предводник на „езерџиите“ беше ветеранот Леброн Џејмс со 28 поени, 8 скока и 7 асистенции, кој во клучните моменти покажа зошто сè уште е еден од најдобрите.

Хјустон го доби посакуваното засилување со враќањето на Кевин Дјурант (кој го пропушти првиот меч), но одбраната на Лејкерс имаше соодветен одговор. Дјурант постигна 23 поени, но беше целосно „затворен“ во второто полувреме каде постигна само 3 поени.

Клучниот момент се случи на 55 секунди пред крајот, кога Маркус Смарт (25 поени) го пронајде Леброн за спектакуларно забивање кое ја запечати победата. Кај Хјустон, Шенгун имаше 20 поени и 11 скока, но лошиот шут за три поени на целиот тим (само 7 погодени тројки) беше пресуден.

Драма во Сан Антонио: Вембањама со потрес на мозокот, Портланд израмни

Портланд Трејл Блејзерс успеаја да направат нестварен пресврт и да ги совладаат Сан Антонио Спарс со 106-103, израмнувајќи ја серијата на 1-1. Мечот го одбележа хорор-падот на Виктор Вембањама во втората четвртина, кога по фаул на Џру Холидеј, младиот Французин со вилицата удри директно во подот и мораше да го напушти теренот поради потрес на мозокот.

Спарс изгледаа моќно и без него, водејќи со 14 поени предност на почетокот на последната четвртина. Сепак, Скуот Хендерсон (31 поен) и Роберт Вилијамс режираа серија од 11-2 во финишот. Вилијамс постигна клучно забивање на 12 секунди пред крајот за водство на Портланд, додека Девин Васел ја промаши тројката за израмнување во последната секунда. Со ова беше прекината низата на Спарс од 76 победи по ред во плејофот кога воделе со двоцифрена разлика во последната четвртина.

В.Џ. Еџкомб го „запали“ Бостон, Филаделфија до 1:1!

Најголемото изненадување на вечерта се случи во „ТД Гарден“, каде Филаделфија 76-ерс, без повредениот Џоел Ембид, го совладаа фаворизираниот Бостон Селтикс со 111-97. Херој на вечерта беше дебитантот В.Џ. Еџкомб, кој постигна 30 поени и 10 скока, иако на двапати мораше да оди во соблекувалната поради силни болки во грбот по тежок пад.

Еџкомб стана првиот руки по Тим Данкан (1998) со ваков учинок во плејофот, а заедно со Тајрис Макси (29 поени) ја „распарчија“ одбраната на Селтикс со 19 тројки. Бостон се обиде да се врати во четвртата четвртина намалувајќи на само два поени негатива (91-89), но Филаделфија одговори со серија од 11-0 и го реши натпреварот. Џејлен Браун беше најефикасен кај Бостон со 36 поени, но очајниот тимски шут за три поени (13/47) ги чинеше пораз на домашен терен.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено