Гостинска статија на Димитрие Маневски
Во култниот „Крусибл“ театар во Шефилд, од 18-ти април до 4-ти мај, се одржува 50-тото по ред светското првенство во снукер. Иако се поминати 99 години од одржувањето на првото светско првенство, фановите се едногласни дека постои нераскинлива врската на снукерот и овој театар, а со самото тоа и перцепцијата на големиот број снукер фанови интуитивно го спојува спортот со магичната сцена на театарот.
Токму затоа веста дека е постигнат договор за продолжување на соработката предизвика воодушевување кај фановите, особено кај оние кои посакуваат еден ден да ја доживеат магијата која несомнено одлично се отсликува и на малите екрани, но ништо не може да го замени искуството кога во живо се ужива во овој спектакл.

Како некој кој ужива да гледа и следи многу спортови, можам да кажам дека снукерот навистина нуди посебна димензија кога се следи во живо. Самата динамика на спортот, особено во атмосферата која ја нуди театарот, создава чувство како вие самите да сте играч, а не набљудувач, и отвара сосема поинаква перспектива која нема да ја добиете во ниту едно друго опкружување. Комбинацијата на боите и неверојатната акустика прави да сочувствувате со секој играч, со секој негово погодок или промашен удар, па токму затоа најтешкото прашање кое може да го добиете додека следите меч во живо е „За кого навиваш?“ бидејќи иако пред мечот секој фан има свој фаворит, за време на мечот тоа чувство се губи и останува само вистинското уживање во играта на врвните мајстори.
Но надвор од перцепцијата на целиот настан во прво лице, од спортски аспект, светското првенство во снукер е навистина глобален феномен. Овој спорт кој традиционално се врзува за Обединетото Кралство, во последните години живее глобална ренесанса. Популарноста во голем број земји придонесе до тоа да, во главната фаза на првенството, 14 од 32 играчи доаѓаат од земји кои не се дел од ОК, а секако фактот што актуелниот бранител на титулата доаѓа оd НР Кина е само дополнителен доказ во прилог на оваа теза.

Првото коло од главната фаза кое сè уште е во тек поминува во знакот на фаворитите кои се номинирани како носители и доаѓаат од редот на првите 16 играчи на светската ранкинг листа. За разлика од минатата година кога во првото коло беа елиминирани дури 5 носители, оваа година фаворитите ја оправдуваат својата улога, особено во клучните моменти од мечот, кога искуството и способноста за игра под максимален притисок доаѓа до полн израз.
Зборувајќи за искуството, чувствувам потреба да ги спомнам играчите од т.н. „Класа 92-ра“. Како што веројатно многумина знаат, фудбалскиот клуб Манчестер Јунајтед има своја славна „Класа 92-ра“ во која припаѓаат Дејвид Бекам, Рјан Гигс, Пол Сколс, Ники Бат и браќата Фил и Гери Невил. Но за љубителите на снукерот овој термин има сосема поинакво, па би се осмелил да кажам и поголемо значење. Во снукерот, во „Класа 92-ра“ припаѓаат Марк Вилијамс од Велс, Џон Хигинс од Шкотска и секако Рони Осаливен од Англија. Овие тројца играчи доминираа во изминатите 3 децении, а еве и во 4 деценија од своите кариери покажуваат дека класата е вечна, а формата секогаш одлична. Хигинс и Вилијамс веќе остварија пласман во второто коло, додека Осаливен има убедливо водство од 7-2 во моментот кога го пишувам овој текст.
Нивниот придонес кон популаризацијата на играта и нејзината глобална распространетост најдобро се гледа низ одговорот на прашањето „Кој е вашиот омилен снукер играч/идол?“, одговор во кој секогаш ќе најдете еден од овие тројца врвни мајстори. Ова е особено точно кога ги прашувате актуелните професионални играчи од поновата генерација кои љубовта кон снукерот и мотивацијата да се достигнат најголемите височини во овој спорт ја црпат токму од овие легенди и секако неизбежниот „Крусибл“ театар.
Доколку е навистина неопходно да се најде една мана или забелешка кон најдобрите играчи, тогаш тоа мора да биде леснотијата со која ја играат играта. Впечатокот кој се добива кога ги гледате како со беспрекорна елеганција, прават една по една, речиси незабележително, да исчезнуваат топките од масата ве остава маѓепсани. Магијата останува во вас се до моментот кога ќе одлучите самите да се соочите со снукер масата и кога при првиот удар ќе сфатите колку масата е бескрајно голема, и дека е речиси невозможно да се погоди еден, а камоли десетици последователни удари.
Но токму таа „тежина“ на спортот е една од главните причини зошто се поголем број играчи се приклучуваат кон светската турнеа, бидејќи совладувањето на така голем предизвик е нешто што многу силно мотивира и секако нуди огромна сатисфакција и личен развој. Тука би сакал да ги споменам и многуте играчи кои учествуваат во државното снукер првенство на Македонија, кои се дел од глобалната снукер заедница и со гордост и успех ја претставуваат нашата земја на голем број меѓународни натпревари. Искрено посакувам еден ден наш претставник да избори пласман на светското првенство, со што прашањето „За кого навиваш?“ ќе стане многу лесно за одговор.



