Возбудувањата во НБА плејофот продолжуваат, а изминатава ноќ помина во знакот на доминацијата на Оклахома Сити Тандер и враќањето на „Bad Boys“ кошарката во Детроит.
Гилџес-Александер со МВП партија за 2-0 против Феникс
Оклахома Сити Тандер ја искористи предноста на домашниот терен и по вторпат го совлада Феникс Санс, овојпат со убедливи 120-107. Човек на одлука беше Шеи Гилџес-Александер, кој пред почетокот на мечот го прими трофејот за најдобар „Clutch“ (најдобар во клучните моменти) играч на годината, а потоа на теренот испорача 37 поени и 9 асистенции.
За разлика од првиот меч каде се мачеше со шутот, Шеи овојпат беше немилосрден (13/25 од игра). Чет Холмгрен додаде 19 поени, но победата на Тандер остана во сенка на повредата на Џејлен Вилијамс, кој го напушти теренот во третиот период поради проблем со задната ложа.
Кај Феникс, Дилон Брукс постигна 30 поени пред да биде исклучен поради лични грешки, додека Девин Букер застана на 22 поени. Оклахома сега патува во Аризона со комотна предност од 2-0.
Детроит во стилот на легендите: Крај на црната низа по 18 години!
Детроит Пистонс конечно заиграа како што доликува на нивната историја. Под будното око на легендите Бен Валас и Рик Махорн, „Пистонси“ го демолираа Орландо Меџик со 98-83 и ја израмнија серијата на 1-1.
Ова беше историска ноќ за Детроит – прва плејоф победа во нивната нова арена „Little Caesars“ и прекин на најдолгата низа во историјата на НБА од 11 последователни домашни порази во плејофот, која датираше уште од 2008 година.
Кејд Канингем ги предводеше стрелците со 27 поени и 11 асистенции, но клучот беше одбраната. Пистонси поделија дури 11 блокади (рекордни 7 само во првата четвртина) и го ограничија Орландо на очајни 33% шут од игра. Третиот период беше пресуден, каде Детроит направи нестварна серија од 30-3 и го реши победникот.



