Македонскиот ракометен гигант РК Вардар 1961 слави голем јубилеј – 65 години постоење! Во пресрет на празничниот натпревар против Алкалоид, клубот реши да нè врати кон самите почетоци и да им оддаде почит на луѓето кои ги испишаа првите страници од „црвено-црната“ историја.
Преку едно навистина емотивно видео, Вардар нè потсетува на првата генерација ракометари кои во тешки времиња, со скромни средства, но со огромно срце го градеа името кое денес е страв и трепет во Европа.
Лекција по лојалност: „Да играш за гледачите!“
Во видеото се пренесени моќни зборови кои ја отсликуваат вистинската душа на клубот:
- „Пара е пара, љубов е љубов“.
- „Да го сакаш клубот и да играш со мерак. И да играш за гледачите“.
- „Гледачите се исти тие кои живеат со клубот и го сакаат клубот. И они се радуваат на победите, можда и повише од играчите“.
Вардар отсекогаш бил повеќе од обичен спортски колектив. Тоа го потврдуваат и сеќавањата за хармонијата која владеела во соблекувалната од самите почетоци:
„Во клубот Вардар владееше една прекрасна атмосфера… млади луѓе кои го сакаа спортот, луѓе кои знаеја да почитуваат, луѓе кои го сакаа својот соиграч. Немаше кавги, немаше караници… и така клубот продолжи да егзистира и да работи“.
Поздрав за легендите Мицковиќ и Шахов
Како што соопштија од клубот, легендите како Миодраг Мицковиќ и Владимир Шахов се само дел од таа славна прва генерација која вечерва ќе биде присутна во салата за да го прослави големиот јубилеј. По цели 65 години, тие повторно ќе застанат пред вардаровите навивачи за да ја добијат заслужената почит.
Ги повикуваме сите вљубеници во ракометот и симпатизери на „црвено-црните“ да ги исполнат трибините. Билетите се веќе во продажба онлајн и на билетарницата пред салата. Дојдете да ги поздравиме луѓето кои ги удрија темелите на македонската спортска гордост!
Заедно за Вардар! ⚫️🔴



