Борбата за титулата во Премиер лигата продолжува со несмалено темпо. По краткиот престој на Манчестер Сити на првата позиција, Арсенал експресно се врати на врвот по тешката, но заслужена победа од 1-0 против Њукасл Јунајтед на „Емирати“.
Ако се запрашавте зошто денес доцниме со статиите одговорот е – затоа што бевме да се дружиме и да го гледаме токму овој натпревар со двете навивачки групи, но истото прерасна во дилема дали да го раскажеме искуството или не. Сепак, ние секогаш ќе се залагаме за чистата љубов кон спортот, па сметаме дека вреди да се раскаже. Но, најпрво за натпреварот…

Магијата на Езе и „кобните“ кратки корнери
Арсенал влезе во овој меч под огромен притисок по двата последователни порази во лигата, вклучувајќи го и оној од директниот ривал Сити. Сепак, избраниците на Микел Артета покажаа карактер уште на самиот почеток.
Одлучувачкиот момент се случи во 9-та минута. Иако навивачите на трибините негодуваа на одлуката за краток корнер, тактиката на Артета вроди со плод. Каи Хаверц го пронајде Еберечи Езе на работ на шеснаесеттникот, а англискиот репрезентативец со прекрасен фелширан удар ја погоди самата агол од голот на Ник Поп. Интересен е податокот дека Арсенал оваа сезона постигна само два гола од кратки корнери, а и двата беа против тимот на Еди Хау.
Њукасл се обидуваше да се врати преку Осула и Гимараеш, а во финишот Виса пропушти колосална шанса за израмнување, оставајќи ги „страчките“ со четврти пораз по ред. Со овој триумф, Арсенал сега има три бода предност пред Сити (со натпревар повеќе), но и две големи грижи – повредите на Езе и Хаверц пред полуфиналето во ЛШ против Атлетико Мадрид.
Личен осврт: Спортот треба да обединува, а не да брка деца и пријатели
Додека на теренот во Лондон се водеше голема битка, тимот на Спортска Станица беше поканет од страна на македонските навивачи на двата клуба да го проследи натпреварот во еден скопски паб. Но, наместо спортски празник, доживеавме нешто што не доликува на ниту еден вистински навивач. Барем не на оние што вистински го сакаат спортот.
Бевме сведоци на непријатен момент кога дел од раководството на навивачката група на Арсенал од Македонија при самото пристигнување не ги прими навивачите на Њукасл (Toon Army Macedonia), меѓу кои имаше и пријатели навивачи на двата клуба кои дојдоа заедно со своите деца. Изговорот беше дека „не сакале провокации“, чин кој директно се коси со основните принципи на спортот.
Секоја чест за дел од навивачите на Арсенал, оние вистинските љубители на спортот, кои се оградија од ваквото однесување и дојдоа заедно во една пријателска, фамилијарна атмосфера да го гледаат натпреварот заедно со навивачите на Њукасл Јунајтед. Атмосферата во двата одвоени табори беше неспоредлива.
Од едната страна видовме тензија и затвореност, а од другата страна (онаму каде што се повлекоа вистинските љубители, меѓу кои и ние) видовме како треба да изгледа една спортска дружба. Онаму каде навивачите на двата клуба заедно, низ конструктивна дебата и смеа, го следеа натпреварот.
Спортот постои за да создава пријателства, да обединува и да биде лекција за помладите генерации. Ривалството е здраво и убаво, создава спортски приказни и култура на навивање. Но, притоа суштината на самиот спорт не смее да се заборави. Оние кои денес ја избраа „чистота“ на таборот наместо заедничко уживање, пропуштија да видат дека ривалството завршува со последниот судиски свиреж, а пријателството останува. Секоја чест за оние кои покажаа дека човечноста е поголема од секој клупски дрес.



