Недела е ден за фудбалски празник во Скопје! Во рамките на 29-тото коло од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), лидерот на табелата ФК Вардар го пречекува тимот на ГФК Тиквеш од Кавадарци. Натпреварот е закажан за 26 април (недела) со почеток во 16:00 часот на Националната арена „Тодор Проески“.
За Вардар (68 бодови) овој натпревар е од исклучителна важност за одржување на предноста пред второпласираната Шкендија (67 бодови) во тесната битка за шампионската титула. Тиквеш, од друга страна, пристигнува во Скопје како петтопласиран (40 бодови), со надеж да го изненади фаворитот.
Комити најавуваат невиден спектакл: „Западот повторно гази!“
Вистинското шоу се очекува на трибините. Навивачката група на Вардар, „Комити Запад“, со денови спроведува масовна мобилизација низ сите скопски населби. Тие најавуваат нешто што ретко се гледа на нашите стадиони – кореографија во 5 фази!
„Недела е финалниот дел од офанзивата, ден кога тронот мора да биде завземен и држен до самиот крај, до титулата која ја чекаме со години! Групата најавува голем спектакл поделен во 5 фази. Продукција Запад уште еднаш ја крева летвичката,“ стои во повикот на Комити.
За успешна реализација на овој амбициозен проект, од групата строго апелираат:
- Сите навивачи да бидат на стадионот најмалку половина час пред почетокот на натпреварот.
- Строго почитување на инструкциите од одговорните лица. На секое столче ќе има поставен најлон и картон кои не смеат да се преместуваат пред да биде даден знак за тоа.
Собир пред Западната трибина
Навивачката дружба ќе започне во 14:00 часот пред Западната трибина. На собирот ќе може да се набават билети (100/200 денари), новите навивачки шалови „Вез“ (900/1000 денари), како и пијалаци.
Дополнителен мотив за атмосферата е и новата навивачка песна „Црвено-Црни – Живот“ од Ekipa Pivo, која дефинитивно ќе грми од трибините.
Од другата страна, и навивачката група на Тиквеш, „Лозари Исток“, најави свое гостување во Скопје, што гарантира одлична атмосфера и вистинско дерби не само на теренот, туку и на трибините.
Очекуваме вистински фудбалски празник! Шалот на врат и правец на стадион!



