Јаник Синер продолжува да гази сè пред себе во 2026 година. Најдобриот светски тенисер без поголеми проблеми го совлада Камерон Нори и се пласираше во четвртфиналето на Мастерсот во Мадрид, запишувајќи нови историски рекорди на своето конто.
Синер е „ѕид“ за противниците: Падна и Нори во два сета
Италијанецот ја потврди својата доминација со победа од 6-2 и 7-5 за точно 87 минути игра. Синер започна фуриозно во првиот сет, каде што реализираше две од четирите можности за брејк, не оставајќи му простор на Британецот да се надева на изненадување.
Во вториот сет Нори пружи поголем отпор и успеа да врати еден брејк на почетокот, но Синер ја покажа својата ментална сила кога беше најпотребно. Клучниот брејк Италијанецот го направи во 11-тиот гем, по што сигурно сервираше за конечен триумф. Посебно импресивен беше неговиот сервис во вториот сет, каде што освои 100% од поените на својот прв сервис (16/16).
Рамо до рамо со Федерер и Ѓоковиќ
Со овој триумф, Јаник Синер влезе во елитно друштво. Тој стана само третиот играч во историјата (од воведувањето на форматот во 1990 година) кој успеал да врзе 25 или повеќе последователни победи на турнирите од серијата Мастерс 1000. Пред него, ова им пошло од рака само на Роџер Федерер и Новак Ѓоковиќ.
Дополнително, ова е петти последователен Мастерс 1000 турнир на кој Синер стигнува барем до четвртфиналето, успех кој во последните шест години го имаат остварено само уште Ѓоковиќ и Феликс Оже-Алијасим.
Во следната фаза во Мадрид, Синер ќе ги одмери силите против подобриот од дуелот помеѓу Вит Коприва и домашниот миленик Рафаел Јодар.
Back in the quarterfinals! 🔥
— #MMOPEN (@MutuaMadridOpen) April 28, 2026
🇮🇹 @janniksin equals his best #MMOPEN result by defeating Norrie 6-2, 7-5 in the Caja Magica. pic.twitter.com/YPV3w4ctD3
Синер удри по организаторите: Распоредот мора да се менува!
И покрај победата, светскиот број еден не го криеше своето незадоволство од организацијата на турнирот во Мадрид. Синер беше запрашан за неговите чувства по настапот во необичниот термин од 11:00 часот наутро, што е реткост за тенисер од негов ранг.
„Мислам дека се потребни одредени корекции во распоредот на турнирот. Да имате два меча кои започнуваат во 20:00 часот е многу доцно. Дури и со слободен ден, сепак е премногу. Завршувате во 1:30 часот по полноќ, па мора да вечерате, да одите на третмани… тоа е многу доцна“, искрено објасни Италијанецот.
Иако нагласи дека за него времето не е пресудно бидејќи секогаш го дава максимумот, Синер смета дека ваквиот хаотичен распоред е на штета на сите играчи. Во следната фаза, тој ќе ги одмери силите против подобриот од дуелот помеѓу Вит Коприва и Рафаел Јодар.



