(Видео) Фудбал од друга планета! Каков фудбалски спектакл меѓу ПСЖ и Баерн со 9 голови!

 

Објавено:

Она што требаше да биде пресметка меѓу два гиганти за која фудбалските фанови ширум светот имаа големи очекувања, во Париз се претвори во еден од најневеројатните натпревари во историјата на Лигата на шампионите. Во првиот чин од ова „финале пред финалето“, Пари Сен Жермен славеше против Баерн Минхен со неверојатни 5-4, во меч кој понуди седум различни стрелци, девет гола и безброј пресврти. Сигурни сме дека сите љубители на фудбалот уживаа вечерва, па да ги погледнеме најдобрите моменти (ако воопшто може да се издвојат во еден пократок текст).

Фуриозен почеток и ревија на голови

Натпреварот започна со висок притисок од двете страни, а Баерн прв зададе удар. Луис Дијаз изнуди пенал по прекршокот на Вилијан Пачо, а Хари Кејн беше сигурен од белата точка за водство на Баварците. Сепак, актуелниот шампион ПСЖ одговори експресно преку Квича Кварацкелија, кој со мајсторски удар во далечниот агол израмни на 1-1, пред Жоао Невеш со глава да донесе целосен пресврт.

Баерн не се предаде, а Мајкл Олисе со момент на индивидуална брилијантност, дриблајќи низ одбраната на домаќините, стрелаше прецизно за 2-2. Кога сите очекуваа егал на паузата, ПСЖ доби контроверзен пенал по играње со рака на Алфонсо Дејвис. Усман Дембеле ја презеде одговорноста и во петтата минута од судиското продолжение погоди за 3-2.

ПСЖ се одлепи, Баерн покажа карактер

Вториот дел започна во знакот на Парижаните. Кварацкелија го постигна својот втор гол по асистенција на Ашраф Хакими, а набргу потоа Дембеле исто така се запиша по вторпат во листата на стрелци за убедливи 5-2. Во тие моменти се чинеше дека Баерн е пред дебакл, но новопечениот шампион на Германија покажа зошто е во игра за „требл“ сезонава.

Дајот Упамекано со прецизен удар со глава намали на 5-3, пред Луис Дијаз, по феноменалното проигрување на Хари Кејн, да ги постави конечните 5-4. Со овој гол, напаѓачкото трио на Баерн (Кејн, Дијаз, Олисе) достигна неверојатна бројка од 100 постигнати голови заедно оваа сезона.

Драма во финишот и повреди

Последните минути беа резервирани за вистинска опсада на голот на ПСЖ. Вилијан Пачо во последните секунди мораше да исфрла топка од гол-линијата по ударот на Кимих за да го спаси триумфот на својот тим. Загрижувачки за Луис Енрике е повредата на Ашраф Хакими, кој во финишот се држеше за задната ложа, а бидејќи ПСЖ ги направи сите измени, Мароко и Париз ќе стрепат за неговиот настап на Светското првенство.

Спектаклот продолжува на 6 мај во Минхен, каде ќе се одлучи патникот во финалето во Будимпешта против подобриот од дуелот меѓу Арсенал и Атлетико Мадрид.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено