Италијанец патуваше 1.600 километри за да го бодри својот омилен клуб од „Football Manager“

 

Објавено:

Фудбалот често пишува неверојатни приказни, но малку се оние кои можат да се споредат со патувањето на Андреа Лаи. Овој 39-годишен Италијанец од Имола помина повеќе од 1.600 километри за минатиот викенд да го оствари својот сон и за првпат во живо да го гледа Колерејн ФЦ, клубот со кој со години доминира во виртуелниот свет на популарната игра „Football Manager“.

Случаен избор кој прерасна во голема љубов

Пред седум години, Лаи барал нов предизвик во играта и сосема случајно го избрал тимот на Колерејн од Северна Ирска. Иако во реалниот свет станува збор за клуб кој во тоа време беше полупрофесионален, Андреа преку екранот успеа да ги донесе до врвот, освојувајќи бројни трофеи во ирската лига и редовно настапувајќи во европските натпреварувања.

„Почнав да играм со овој не-професионален тим и целосно се вљубив во него. Договорите со скратено работно време, сите тие играчи… Беше прекрасно да се носат до успех во виртуелниот свет“, изјави Лаи за својата пасија.

Извор: Andrea Lai

Среќна амајлија на трибините

Љубовта од екранот брзо се префрлила во реалноста. Лаи почнал редовно да нарачува опрема од официјалната продавница на клубот и да контактира со луѓе поврзани со тимот, сè додека не одлучил дека е време конечно да ги посети.

Андреа се покажа како вистинска среќна амајлија за тимот на стадионот „Шоуграундс“. Колерејн извојува убедлива победа од 6-2 против Гленторан во последното коло од сезоната, со што го обезбеди второто место на табелата и пласман во квалификациите за Лигата на конференции. Ова е прв пласман во Европа за клубот по 2022 година.

Извор: Andrea Lai

Средба со своите идоли

За време на посетата, Лаи имаше можност да се запознае со фудбалерите, вклучувајќи го и херојот на натпреварот Вил Пачинг, но и со својот реален колега – менаџерот на тимот Руадри Хигинс.

„Беше неверојатно за мене бидејќи со години размислував да дојдам, но беше премногу далеку. Уживав во пејзажите на Северна Ирска, но главната причина беше саботниот натпревар“, вели Лаи.

Иако се враќа во Италија, Андреа веќе планира повторно да ги посети своите идоли следната сезона во Европа, а во сабота со нетрпение ќе го следи финалето на Ирскиот куп против Данганон Свифтс, верувајќи дека Колерејн има големи шанси за нов трофеј.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено