Голема штета за ТФТ, секунди го делеа Скопје од „мајсторка“ за елитата!

 

Објавено:

Екипата на ТФТ не успеа да ја круниса својата фантастична сезона во АБА 2 лигата со директен пласман во елитата. Во драматичен втор натпревар од финалната серија одигран во салата „Лазар Лечиќ“, гостите од Широки Бријег славеа со минимални 87:86, со што ја затворија серијата со 2-0 и станаа нови членови на првата АБА лига.

Извор: ABA League/Dragana Stjepanovic

Драма која се решаваше во девет секунди

Натпреварот започна одлично за избраниците на Боро Смилковски. Домашниот тим диктираше темпо уште од самиот почеток и по првата четвртина водеше со 25:21, предност која до полувремето се зголеми на солидни 43:35.

Сепак, второто полувреме донесе сосем поинаква слика. Екипата на Широки, предводена од поранешниот играч на Работнички, Американецот Трајс, влезе во неверојатна серија, особено во шутот за три поени. Предноста на ТФТ почна брзо да се топи, па во решавачкиот период македонскиот претставник влезе со само два поени позитива (61:59).

Извор: ABA League/Dragana Stjepanovic

Завршницата на овој натпревар се претвори во вистински кошаркарски трилер кој започна на неполни три минути пред крајот, кога екипата на Широки успеа да се одлепи на опипливи 82:76. Иако ситуацијата делуваше тешко, кошаркарите на ТФТ покажаа огромен карактер и преку поените на расположениот Говенс направија целосен пресврт за минимално водство од 86:85. Сепак, во последните девет секунди, Американецот Трајс со својот 32. поен повторно ја врати предноста на страната на гостите (87:86), додека во последниот напад шутот на Гордон кој требаше да донесе победа и „мајсторка“ во ова финале за жал не заврши во кошот.

Индивидуални учиноци

Во однос на индивидуалната статистика, кај македонскиот претставник дури петмина кошаркари остварија двоцифрен број на поени. Најефикасен во редовите на тимот од Тафталиџе беше Говенс со 23 поени, а него го следеа Дејвис со 19 и Ташовски со 18 постигнати поени. Солиден придонес во нападот дадоа и Самервил со 14 поени, како и Гордон кој натпреварот го заврши со 12 поени.

Извор: ABA League/Dragana Stjepanovic

Шансата за АБА лига сè уште постои

Иако ТФТ остана без пехарот како вицешампион во АБА 2, нивната мисија не завршува тука. Како второпласиран тим во регионалното натпреварување, лидерот во македонскиот шампионат ќе добие уште една шанса за влез во јадранската елита.

ТФТ ќе игра бараж-серија против екипата на Борац од Чачак, која заврши на претпоследното место во елитната АБА лига. Победникот од овој дуел ќе го пополни последното слободно место во најсилното регионално натпреварување за наредната сезона.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено