Еден од најголемите и најпопуларни германски клубови, славниот Шалке 04, официјално се врати таму каде што припаѓа – во елитната Бундеслига! Со минималната победа од 1-0 над Фортуна Дизелдорф пред преполната „Велтинс Арена“, клубот од Гелзенкирхен на две кола пред крајот ја осигура промоцијата и стави крај на тригодишниот кошмар во втората лига.
Босанската конекција и препородот под водство на Муслиќ
Патот до враќањето не беше воопшто лесен. По две исклучително турбулентни сезони во кои клубот завршуваше на 10-тото и 14-тото место, раководството го назначи Мирон Муслиќ за шеф на стручниот штаб. Босанскиот стратег, кој претходно направи чуда со белгиски Серкл Бриж, направи вистинска револуција во Гелзенкирхен.
Клучот за успехот се покажа токму во балканската конекција. Муслиќ во тимот ги донесе искусниот Един Џеко и цврстиот дефанзивец Никола Катиќ. Легендарниот Џеко експресно постигна шест гола на своите први осум настапи пред да се повреди, по што одговорноста ја презеде Муса Сила. Сепак, апсолутен лидер на овој тим е Кенан Караман, кој го постигна и решавачкиот погодок против Фортуна во 15. минута, стигнувајќи до бројката од 14 голови со кои е најдобар стрелец на екипата.
DIE BESTEN FANS DER WELT!! 💙🤯#S04 | #S04F95 pic.twitter.com/P81ll1Zh1u
— FC Schalke 04 (@s04) May 2, 2026
Врската која ги спојува Скопје и Гелзенкирхен
Она што е особено интересно, а надвор од тесните навивачки кругови во Македонија ретко кој го знае, е длабоката и нераскинлива врска помеѓу Шалке 04 и нашиот најтрофеен клуб, Вардар.
Братството помеѓу навивачките групи „Комити Скопје“ и „Ултрас Гелзенкирхен“ (UGE) не е само обична симболика, туку претставува едно од најсилните навивачки пријателства во Европа. Сето тоа започна во далечната 2004 година, кога Вардар и Шалке се сретнаа во рамките на тогашниот Интертото куп. Она што започна како меѓусебна почит на трибините (особено преку подгрупата Loyal Fans), брзо прерасна во вистинско братство.
Оваа поврзаност има и подлабоки корени, со оглед на тоа што Скопје и Гелзенкирхен се официјално збратимени градови. Низ годините, членовите на UGE редовно гостуваат во Скопје за поддршка на Вардар (како навивачката испомош во европските квалификации или прославите на јубилеите), додека „Комитите“ се чести гости на култната трибина „Нордкурве“ во Гелзенкирхен. Како доказ за ова пријателство, често можат да се видат заеднички шалови во црвено-црна и кралско-сина боја со бели детали, а неретко на стадионите во Германија се вее и македонското знаме или знамето на Вардар.
Веднаш по синоќешниот натпревар, македонските навивачи ја преплавија мрежата со честитки…
Со повеќе од 200.000 членови (трет најголем клуб во Германија зад Баерн и Дортмунд) и верна армија навивачи која никогаш не го напушти бродот, враќањето на Шалке е победа за фудбалската романтика. Бундеслигата следната сезона дефинитивно ќе биде многу побогата!



