Зошто играњето со рака на Невеш не беше пенал за Баерн? Објаснување на правилата

 

Објавено:

Елиминацијата на Баерн Минхен од Лигата на шампионите нема да помине без дебати за судењето на Жоао Педро Силва Пињеиро. Иако ПСЖ славеше со вкупни 6-5, навивачите на „Алијанц Арената“ останаа гневни поради ситуацијата од 30. минута, кога при резултат 0-1, на домаќините им беше скратен очигледен пенал по играњето со рака на Жоао Невеш.

Инцидентот се случи кога Витиња, во обид да ја расчисти топката од својот шеснаесеттник, со силен удар го погоди сопствениот соиграч Невеш директно во раката. Иако баварците веднаш го опколија судијата, а социјалните мрежи „зовреа“ од реакции, Пињеиро само одмавна со раката, а ВАР собата воопшто не побара проверка.

Параграфот кој го „спаси“ Париз

Причината поради која ПСЖ избегна најстрога казна лежи во еден специфичен и ретко споменуван дел од фудбалските правила. Според законите на играта, не се досудува прекршок доколку топката го погоди играчот во рака откако претходно била директно упатена од негов соиграч.

Ова правило е воведено за да се заштитат дефанзивците од неочекувани одбивања кои доаѓаат од непосредна близина од нивните колеги, дури и ако раката е во „неприродна“ положба. Бидејќи Витиња беше тој што ја испука топката кон Невеш, судијата сметаше дека не постои намера или можност за реакција кај младиот Португалец. Единствен исклучок е доколку топката по контактот со раката заврши директно во голот, што во овој случај не беше реално сценарио.

„Глупаво правило“ и гнев на клупата на Баерн

Ваквото толкување предизвика остри критики кај фудбалските легенди. Поранешниот напаѓач Крис Сатон беше најдиректен, нарекувајќи го правилото „навистина глупаво“ бидејќи остава простор за манипулација доколку топката е веќе во воздух.

Венсан Компани и неговите играчи беа дополнително револтирани бидејќи сметаа дека судијата веќе им прогледа низ прсти на гостите претходно во мечот. Левиот бек на ПСЖ, Нуно Мендеш, кој веќе имаше жолт картон, избегна исклучување по уште едно сомнително играње со рака, што според баварците беше јасен доказ за нерамномерниот критериум на арбитрите.

Иако Хари Кејн покажа зошто е најдобар стрелец во Европа постигнувајќи го својот 55-ти гол во сезоната во 94. минута, тоа не беше доволно да се поправи штетата од одлуките кои го променија текот на полуфиналето. ПСЖ патува за Будимпешта, а на Баерн му останува горчината од правилото кое во најлош момент ги „сопна“ на патот кон финалето.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено