ТФТ во Чачак го напаѓа елитниот ранг: Смилковски бара „верзија над максимумот“

 

Објавено:

Вечерва во Чачак започнува историската шанса за македонската кошарка и ТФТ Скопје. Во рамките на првиот натпревар од бараж-серијата (подобар во три) за пласман во елитната АБА лига, македонскиот претставник му гостува на тимот на Борац во салата крај Морава со почеток од 20:30 часот.

Скопскиот состав во оваа серија влегува со огромен мотив и самодоверба по фантастичната сезона во АБА 2 лигата, каде и покрај тоа што немаа предност на домашен терен, успеаја да стигнат до големото финале. Иако таму беа поразени од Широки, ТФТ покажа дека знае како да ги шокира фаворитите на нивен терен.

Смилковски: Предизвик против град со огромна традиција

Предводникот на ТФТ, Боро Смилковски, со голем респект зборува за противникот, но верува во своите момци.

„Не очекува плеј-ин серија во пеколна динамика на натпревари за нас, веќе во континуитет повеќе од еден месец. Сериозен предизвик против екипа и град со голема кошаркарска традиција. Подготвени сме да го дадеме својот максимум, но исто така сме свесни дека за евентуален успех ќе ни треба нашата најдобра верзија досега, можеби дури и повеќе од тоа,“ истакна Смилковски.

Дуел на стрелците: Николиќ против Говенс

Клучот за евентуален успех на ТФТ ќе биде запирањето на првиот стрелец на Борац, Павле Николиќ, кој сезонава бележеше во просек по 15,7 поени во АБА лигата. На спротивната страна, главната алка на македонскиот тим е искусниот Дарин Говенс, кој беше брилијантен во плејофот на втората лига со просек од 17,7 поени по натпревар.

Борац мора да оди преку баражот за да го задржи својот статус во елитата, додека ТФТ по вторпат сезонава ќе се обиде да ја исполни својата елитна желба. Бараж серијата почнува вечерва, а реваншот е закажан за во недела во Скопје.


Следете нè: Facebook | Instagram |

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено