Дали некогаш сте добиле отказ (или барем сериозна опомена) затоа што шефот ве фатил како скришум гледате фудбал на работа? Епа, заборавете на тоа. FOX Sports и платформата Indeed ви нудат работа каде што мора да гледате фудбал. И тоа за плата од фантастични 50.000 долари!
Звучи како класична шега од нашата „Трол Станица“, но понудата е целосно легитимна. Официјалниот назив на позицијата е „Главен гледач на Светското првенство“ (Chief World Cup Watcher). Вашата единствена задача е да ги изгледате сите 104 натпревари од Мундијалот во 2026 година, кои ќе се емитуваат во 4K резолуција на нивната стриминг платформа FOX One. Ако пресметате, тоа се околу 480 долари по изгледан натпревар!
Е сега, финтата… (секогаш има финта)
Нема да ги гледате натпреварите по гаќи, излежавајќи се на вашата удобна гарнитура дома со пиво во рака и чипс на стомакот. Наместо тоа, FOX ќе ве смести во специјално изградена стаклена канцеларија (читај: луксузен аквариум за луѓе) среде Тајмс Сквер во Њујорк!
Додека вие го гледате Мундијалот, илјадници туристи, случајни минувачи и њујорчани кои брзаат на работа ќе зјапаат во вас. Плус, ќе мора постојано да креирате содржина за социјалните мрежи, да глумите лудило, да скокате при секој гол и да ја споделувате вашата „суперфан“ енергија со светот. Од 11 јуни до 19 јули, вие ќе бидете главната туристичка атракција.
Како да станете фудбалски експонат?
Ако ова звучи како вашиот животен повик, процесот е следен:
- Отворете профил на Indeed.
- Истакнете ги вашите вештини за креирање содржина и новинарство.
- Подесете го профилот на „Работодавците можат да ме најдат“.
- Снимете видео за социјалните мрежи објаснувајќи зошто баш вие сте идеалниот фанатик за оваа позиција, користејќи го хаштагот #ChiefWorldCupWatcher.
Среќниот (или несреќниот, зависно од тоа колку патите од клаустрофобија и срам) добитник ќе биде објавен на 6 јуни.
Значи, ако мислите дека можете да преживеете 39 дена фудбалско лудило во стаклена кутија пред очите на целиот свет – повелете, аплицирајте!



