Бура по ВАР одлуката во Лондон: Дали Арсенал е заштитен во трката за титулата?

 

Објавено:

Последните моменти од гостувањето на Арсенал кај Вест Хем донесоа шестминутна ВАР драма која предизвика вистинска бура во фудбалската јавност. И можеби фаулот врз голманот Раја немаше да биде толку спорен, доколку претходно во безброј други ситуации низ сезоната Арсенал не победуваше токму со вакви голови.

А, за драмата да биде уште поголема, оваа ВАР одлука можеби ја имаше најголемата тежина од сите досега – од една страна да го доведе Арсенал до чекор од титулата која толку долго ја чекаат, а од друга страна да го турне Вест Хем длабоко во зоната за испаѓање.

Двојни аршини или правда?

Интернетот буквално „експлодира“ по последниот свиреж, а навивачите не штедеа зборови за, како што велат, недостатокот на конзистентност во судењето.

„Арсенал цела сезона го блокира противничкиот голман при прекини. Никогаш немаше да бидат на врвот доколку им ги поништуваа овие голови“, е само еден од коментарите кои го преплавија „X“.

Многумина потсетија на натпреварот на „Олд Трафорд“, каде Арсенал постигна гол преку Калафјори откако Салиба имаше директен контакт со голманот Бајиндир, но тогаш ВАР не најде ништо спорно. Денеска, по шест минути гледање снимки и 25 повторувања за да се одлучи кој од многуте „боречки зафати“ е фаул, одлуката падна во корист на „топчиите“.

Легендите на фудбалот исто така не останаа имуни. Рој Кин, во свој препознатлив стил, беше брутален во анализата за „Sky Sports“:

„Таа ВАР одлука е апсолутен срам – тотален мајтап! Цела сезона Арсенал го гужва голманот при прекини, туркаат, блокираат – тоа им е главна тактика од првиот ден. Го видовме тоа јасно против Јунајтед, но сега кога не им одговара… одеднаш е фаул врз Раја? Срамно е, дајте им ја титулата веднаш ако е вака очигледно“.

Одлука вредна стотици милиони фунти

Покрај титулата, оваа одлука директно влијае и на битката за опстанок, каде испаѓањето од лигата чини повеќе од 100 милиони фунти. Навивачите на Вест Хем се бесни бидејќи сметаат дека прекршокот на Рајс врз еден од нивните играчи се случи уште пред контактот со Раја, но судиите во ВАР собата решија да гледаат поинаку.

На крајот, останува впечатокот дека ако ова не беше Арсенал во прашање, можеби прашината немаше да биде толку голема. Но, кога еден тим цела сезона гради успех врз агресивни прекини и блокови врз голманите, а потоа во клучниот натпревар за титулата биде „заштитен“ токму од таква ситуација, контроверзите се неизбежни. Тежината на оваа одлука и нејзиното влијание врз двата краја на табелата ја прават веројатно најдискутираната ситуација во целата 2025-26 сезона.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено