(Видео) Столе несовладлив во Билбао: Димитриевски ја сочува мрежата за триумф на Валенсија

 

Објавено:

Валенсија оствари исклучително важен триумф на едно од најтешките гостувања во Ла Лига, совладувајќи го Атлетик Билбао со 0-1 во рамките на 35-то коло. Херој на денот, покрај стрелецот на голот Умар Садик, несомнено беше македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски, кој со серија фантастични интервенции ги доведе домашните напаѓачи до очај и му донесе на својот тим три златни бода.

Натпреварот во Билбао започна со голем притисок од домаќините, но Димитриевски уште од самиот почеток покажа дека е максимално фокусиран. Најпрво го сопре обидот на Гурузета кој излезе сам пред него, а во вториот дел неговите рефлекси беа клучни за зачувување на водството. Највпечатливиот момент се случи во 60-та минута, кога Столе со нестварна парада го одбрани ударот на Ињаки Вилијамс, кој веќе ја гледаше топката во мрежата.

Џокерот Садик го реши победникот по влегувањето од клупата

Валенсија имаше златна шанса да поведе уште во првиот дел кога изнуди пенал по игра со рака на Рего во шеснаесетникот. Сепак, ударот на Хуго Дуро заврши во пречката, што му даде дополнителен мотив на Атлетик Билбао да тргне во офанзива. Но, тренерот Карлос Корберан повлече вистински потези со тројната измена во 60-та минута, кога во игра ги внесе Садик, Угриниќ и Рамазани.

Само три минути подоцна, резервистите ја креираа победничката акција. Рамазани и Хави Гера почнаа брза контра, Риоха испрати прецизен центаршут од левата страна, а Умар Садик беше највисок во скокот пред Вивијан и со глава ја смести топката зад грбот на Унаи Симон за 0-1.

Веднаш по примениот гол, домаќините се обидоа да израмнат преку Унаи Гомез, но Димитриевски со уште една „летачка“ одбрана го потврди својот мајсторлак. Со оваа победа Валенсија стигна до 42 бода, а веќе в четврток на „Местаља“ го пречекува Рајо Ваљекано.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено