НБА Плејоф: Никс со „метла“ до финале, Едвардс го казни исклучувањето на Вембањама

 

Објавено:

Изминатата ноќ во НБА лигата донесе историска доминација на Истокот и неверојатна драма на Западот. Њујорк Никс станаа првиот патник во финалето на Источната конференција откако без милост го „прегазија“ тимот на Филаделфија, додека Минесота успеа да ја израмни серијата против Сан Антонио во натпревар кој го одбележа шокантното исклучување на Виктор Вембањама.

„Метарски“ марш на Никс: Филаделфија падна под налетот на Брунсон и МекБрајд

Њујорк Никс изгледаат како незапирлива машина. Со убедливи 144-114 на гостински терен, Никс ја завршија серијата против Филаделфија 76-ерс со максимални 4-0. Ова е втора година по ред како тимот од „Мека“ на кошарката ќе игра во финалето на Истокот, а начинот на кој го направија тоа е застрашувачки, со просечна разлика од речиси 20 поени по натпревар низ целиот плејоф.

Иако Џејлен Брунсон повторно беше лидер со 22 поени, вистинскиот херој на вечерта беше Мајлс „Дјус“ МекБрајд. Младиот бек испорача партија од соништата со 25 поени, вклучувајќи седум тројки. Неговата канонада во првата четвртина им донесе на Никс рана предност од 20-6, по што „Велс Фарго Центарот“ почна да наликува на „Медисон Сквер Гарден“ поради илјадниците навивачи на гостите. Њујорк сега го чека победникот од дуелот меѓу Кливленд и Детроит.

Едвардс ја врати Минесота во игра по инцидентот на Вембањама

На Западот, Минесота Тимбервулвс ја израмнија серијата на 2-2 по победата од 114-109 над Сан Антонио Спарс. Сепак, главната приказна на вечерта не беа поените, туку исклучувањето на првата ѕвезда на Спарси, Виктор Вембањама, уште во втората четвртина.

Младиот Французин, видно исфрустриран од физичката игра на домаќините, во една борба под кошот со десниот лакт го удри Наз Рид во предел на вратот. Судиите досудија „Flagrant 2“ фаул, што значеше автоматско исклучување. „Вемби“ го напушти теренот со само 4 поени, додека салата ечеше со песната на Мајкл Џексон – „Beat it!“.

И покрај неговото отсуство, Спарси се бореа до крај, но Ентони Едвардс со 16 од своите 36 поени во последната четвртина не дозволи нов брејк. Серијата сега се сели назад во Сан Антонио.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено