(Видео) Тотенхем „прокоцка“ победа против Лидс, битката за опстанок ќе биде пеколна!

 

Објавено:

Тотенхем пропушти колосална шанса да направи голем чекор кон опстанокот во Премиер лигата, откако на домашен терен ремизираше со Лидс Јунајтед (1-1). Избраниците на Роберто де Зерби имаа сè во свои раце, но еден невнимателен потег во финишот ги чинеше два драгоцени бода кои можат да бидат пресудни во трката со Вест Хем.

Натпреварот започна со голема претпазливост, но „експлодира“ на почетокот на вториот дел. Матис Тел во 50-та минута го фрли стадионот во еуфорија со спектакуларен гол од 20 метри, носејќи го Тотенхем на прагот на третата последователна победа. Во тие моменти, Спурс имаа виртуелни четири бода предност пред опасната зона, но притисокот и нервозата си го направија своето.

Од херој до трагичар: Матис Тел ги „закопа“ надежите

Трагичар на вечерта беше токму стрелецот Тел. На 16 минути пред крајот, младиот офанзивец се обиде да изведе неконтролирани „ножички“ во сопствениот шеснаесеттник, при што го погоди во глава противничкиот фудбалер Итан Ампаду. По долга ВАР проверка, судијата покажа на белата точка, а Доминик Калверт-Луин беше прецизен за 1-1.

Тотенхем имаше свои шанси да го реши мечот уште порано, но Ришарлисон промаши неверојатен зицер непосредно пред пеналот за гостите. Казната за промашувањата замалку ќе беше уште посурова во судиското продолжение, кое траеше дури 13 минути. Голманот на Спурс, Антонин Кински, мораше со крајни напори да го скроти ударот на Шон Лонгстаф и со помош на пречката да го спаси својот тим од целосен дебакл.

Тотенхем на +2 пред Вест Хем

По овој кикс, Тотенхем останува на 17-та позиција со само два бода предност пред Вест Хем, кој се наоѓа во зоната за испаѓање. Двата тима имаат уште два натпревари до крајот на сезоната, што ветува незапамтена драма во Лондон.

Тотенхем ќе мора да бара бодови на преостанатите средби за да го задржи премиерлигашкиот статус, додека Лидс со овој бод продолжува мирно да го чека финишот на шампионатот.



Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено