Најдобриот стрелец во историјата на НБА лигата, Леброн Џејмс, ги загрижи фановите ширум светот со изјавата по елиминацијата на Лос Анџелес Лејкерс од Оклахома Сити Тандер. По завршувањето на неговата неверојатна 23-та сезона во најсилната кошаркарска лига, 41-годишната легенда порача дека не е сигурен дали ќе се врати на терените за уште еден последен танц.
„Кралот“ Џејмс, кој во декември ќе наполни 42 години, по натпреварот беше директно прашан за неговите планови за иднината, на што тој даде одговор кој навестува потенцијално повлекување од кошарката.
„Не знам што носи иднината за мене. Кога ќе дојде време, сите ќе дознаете. Прво сакам да заминам дома и да разговарам со моето семејство, па дури потоа ќе донесам одлука“, изјави емотивниот Џејмс.
LeBron James on his future:
— Underdog NBA (@UnderdogNBA) May 12, 2026
“I don’t know what the future holds for me … I’ll go back and recalibrate with my family and talk with them, spend some time with them, and when the time comes, you guys will know what I decide to do.”pic.twitter.com/zTpxHWi00T
Сезона за гордост и покрај „метлата“
Иако Лејкерси беа исчистени со 4-0 во втората рунда, Леброн зад себе остави уште една статистички импресивна година. Со просек од 20.9 поени, 7.2 асистенции и 5.4 скока во регуларниот дел, тој докажа дека сè уште е релевантна сила во лигата.
Откако тимот го загуби Лука Дончиќ поради тешка повреда пред почетокот на плејофот, Леброн ја презеде одговорноста и ги предводеше Лејкерси до изненадувачка елиминација на Хјустон Рокетс во првата рунда. Токму затоа, тој одбива да ја нарече оваа сезона неуспешна.
„Оставив сè што можев на паркетот. Не ја гледам оваа година како разочарување, тоа е повеќе од сигурно“, порача четирикратниот НБА шампион.
Лејкерси или нов предизвик?
Доколку одлучи да ја продолжи кариерата и во 24-тата сезона, следното големо прашање е – во кој дрес? По осум години во Лос Анџелес, Леброн е слободен агент ова лето. Неговиот статус на „неограничено слободен играч“ му дозволува да избере каде сака да ја заврши својата кариера, што дополнително ги подгрева шпекулациите за неговиот следен потег.



