Македонските репрезентативци и членови на локалниот Борац, Дамјан Шишковски и Себастијан Херера, приредија прекрасно изненадување во Бања Лука. Тие ги посетија учениците од прилепското средно училиште СОУ „Ристе Ристески – Ричко“, кои во моментов ги бранат боите на Македонија на Европското првенство во футсал за средношколци.
Посетата на двајцата искусни фудбалери во базата на нашиот тим беше вистински „ветер во грб“ за младите футсалци, давајќи им дополнителен мотив и храброст пред клучните предизвици на континенталниот собир.

Драма во првото коло и борба за четвртфинале
Македонскиот државен првак СОУ „Ристе Ристески – Ричко“, веќе го одигра својот прв натпревар на првенството, прикажувајќи одлична игра во ремито против Словачка (4:4). Стрелци за нашата екипа во овој возбудлив меч беа Теодор Героски, Андреј Паскоски, Мартин Деркоски и Димитар Оклески.
Денеска е одлучувачкиот ден за нашите момци, бидејќи ја завршуваат групната фаза со два исклучително важни натпревари против Унгарија и Белгија.
Европски крем во Бања Лука
Првенството е наменето за ученици до 18 години и на едно место обединува 15 екипи од цела Европа. Покрај Македонија и домаќинот, учествуваат и репрезентации од Белгија, Бугарија, Црна Гора, Чешка, Унгарија, Молдавија, Србија, Словенија и Република Српска.
Македонската делегација која гордо го претставува училиштето и државата е составена од: Виктор Анѓелевски, Мартин Деркоски, Теодор Героски, Ведран Магленски, Леонид Митрески, Димитар Оклески, Давид Паскоски, Андреј Петрески, Бернис Селимоски и Бруно Стефаноски. Тимот е предводен од тренерот Илија Ангелески и неговиот помошник Христијан Митрески.



