Победата од 3:0 над Кристал Палас донесе мир во таборот на Манчестер Сити, а менаџерот Пеп Гвардиола не го криеше задоволството од начинот на кој неговите избраници го „скршија“ отпорот на незгодниот противник. Гвардиола акцентот го стави на трпението и менталната сила на тимот во овој клучен дел од сезоната.
Гвардиола: Имаме доверба во овој тим
Шпанскиот стратег по натпреварот истакна дека Кристал Палас е исклучително тежок ривал, особено кога се брани со низок блок. Тој упати пофалби до своите играчи за професионално завршената работа пред големото финале во ФА Купот.
„Навистина сум задоволен; се обидуваме да останеме живи. Палас се бранеше навистина добро во низок блок, но ние го направивме тоа со трпение. Имам голема доверба во овие играчи, во начинот на кој играме и во нашата поставеност на теренот“, изјави Гвардиола.
Фоден: Морав да бидам трпелив и да ја чекам шансата
Херојот на натпреварот, Фил Фоден, кој забележа две асистенции, призна дека му било тешко да се врати во првиот тим по падот на формата во вториот дел од сезоната. Сепак, тој потенцираше дека во тим со ваков квалитет, секој мора да го даде својот максимум кога ќе добие минутажа.

Јошко Гвардиол приреди пријатно изненадување со своето појавување во стартниот состав по паузата поради повреда на потколеницата. Хрватскиот дефанзивец призна дека не очекувал да започне од првата минута, но дека е среќен што повторно е на теренот.
„Бев изненаден, не очекував дека моето име ќе се најде во стартниот состав, дознав само два-три часа пред почетокот. На крајот на денот, мораш да бидеш подготвен и среќен сум што се вратив. Не беше лесно, но по повредата си кажав дека тоа е нов предизвик. Сè уште не сум на 100%, но потребни ми се натпревари и минути за да се вратам во форма“, изјави Гвардиол.
Глазнер: Сити едноставно беше премногу добар за нас
Предводникот на Кристал Палас, Оливер Глазнер, беше искрен по поразот, признавајќи дека неговиот тим бил далеку од потребното ниво за да извлече поволен резултат на „Етихад“. Според него, индивидуалниот квалитет на играчите на Сити, пред сè на Фоден, ја направил клучната разлика.



