Како љубители на спортот, овие статии ни паѓаат најтешко кога мораме да ги напишеме. Но, сакавме да му оддадеме почит на Жота на начин кој знаеме да го правиме – да ја раскажеме неговата приказна за да не се заборави наследството кое го остави зад себе како фудбалер, но и како човек…
Ова беше негово лето. Тој успеа за прв пат да го подигне трофејот во Премиер лигата со Ливерпул, клубот во кој играше посветено од неговото доаѓање во 2020 година. Помалку од еден месец подоцна, тој подигна нов трофеј, овој пат со другарите од својот национален тим. Португалија ја освои УЕФА Лигата на нации, а Жота кој имаше само 28 години, беше во највисокиот блесок на неговата кариера и беше сметан за важен играч за претстојното Светско првенство.
Но, судбината очигледно имаше суров начин да го прекине тој пат и како што пиша и неговиот соиграч од националниот тим, Кристијано Роналдо: “Ова нема никаква смисла”…
Диого Жота и неговиот брат Андре Силва загинаа во сообраќајна несреќа во раните утрински часови. Веста го остави не само фудбалскиот, туку и целиот спортски свет во шок. Неговата приказна беше сурово прекината.

Почетокот на неговите фудбалски соништа
Диого Жота, со целосното име Диого Жозе Таиќејра да Силва, беше роден на 4 декември 1996 година во Порто, Португалија. Уште од најмала возраст се истакнувале неговата техничка способност и инстинктот за постигнување погодоци.
Првите фудбалски чекори ги направи во академијата на Пасош де Фереира, а фудбалската јавност го забележа кога потпиша за Портимоненсе, клуб кој му ја отвори вратата кон елитниот фудбал.
Набргу потоа, талентот на Жота го привлече интересот на Атлетико Мадрид, но неговиот вистински блесок дојде преку англиските терени.
Блесокот во Премиер лигата и почетокот на една успешна кариера
Во дресот на Вулверхемптон Вондерерс стана еден од клучните фудбалери, пред во 2020 година да премине во Ливерпул – трансфер кој го означи како еден од најперспективните напаѓачи во Европа.
Во Ливерпул, Жота стана симбол за пожртвуваност, непопустливост и вистински тимски играч. Без разлика дали започнуваше од клупата или беше стартер, секогаш го оставаше срцето на теренот. Неговите голови и пресинг-играта беа клучни за успехот на тимот под водство на Јирген Клоп, освојувајќи титули и кревајќи ги навивачите на Енфилд на нозе.
Тој имаше навика да погодува кога најмногу беше потребно. Минатата година кога Ливерпул изгледаше во опасност во борбата за титулата во Лигата, Жота беше тој што израмни во клучниот момент со Нотингем во јануари.

Кога Клоп, со кого имаше многу блиска релација го напушти кормилото на Ливерпул и на негово место дојде Арне Слот, Жота беше првиот кој постигна гол под негово водство.
А, неговиот последен гол во Премиер лигата беше оној за победата од 1:0 над локалните ривали Евертон. Тоа беше погодок кој ги истакна сите негови квалитети: слаломско дриблање, поминување на одбраната и мирна завршница, надитрувајќи го голманот Џордан Пикфорд.
И додека некои играчи се мачат да создат врска со навивачите, тој беше миленикот на Енфилд. Тој го разбираше Ливерпул како град, ги разбираше навивачите и ја пренесуваше таа енергија на теренот. Но, покрај тврдината на Ливерпул, тој го играше фудбалот со уживање, беспрекорна работна етика и несопирлива жед да биде најдобриот играч што може.
Улогата во националниот тим и љубовта кон Португалија
За португалската репрезентација, Диого Жота одигра значајна улога. Со 35 настапи и 12 голови, тој беше дел од генерацијата која продолжи да ја гради традицијата на успех по освојувањето на Европското првенство во 2016 година. Неговата посветеност и желба за победа никогаш не беа доведени во прашање.
За Португалија, тој беше природен наследник на постарата генерација напаѓачи. Неговото деби во репрезентативниот дрес беше во 2019 година, кога за брзо време стана еден од клучните играчи, носејќи ја својата енергија во секој гол, рамо до рамо со Кристијано Роналдо.
Тој за својата Португалија играше на три големи натпреварувања: ЕУРО 2020, натпреварите од УЕФА Лигата на нации и квалификациите за Светското првенство, играјќи клучна улога со значајни голови.
Жота беше почитуван од навивачите и соиграчите за неговата посветеност на националниот тим. Дури и кога се бореше со повреди, тој работеше напорно да го озбезбеди своето место во стартниот тим, во екипа полна со таленти.

Љубовта на Жота кон гејмингот
Малкумина знаат дека Жота уживаше во е-спортовите. Тој беше одличен играч на “EA FIFA”, а во 2021 година беше рангиран и како број 1 играч на шампионската листа на “PlayStation”. Неговата љубов кон гејмингот ја преточи и со основање на сопствен е-спорт тим, кој оригинално беше именуван според него во 2021 година, но подоцна се ребрендираше во Луна Галакси во 2023, во чест на едно од неговите кучиња.
Жота беше модерен играч, подготвен да ги прифати слабостите во време кога сите се плашеа од нив. Тој не се плашеше да зборува за важноста за менталното здравје и за тоа како ја користи психологијата во својата игра.
Жота беше повеќе од фудбалер, тој беше добар човек
Надвор од терените, тој беше човек кој зрачи со топлина и љубезност. Во време кога неговите соиграчи бркаа слава, тој беше посветен татко на три деца и партнер на сопругата со која се венчаа пред само две недели, после 13 години партнерство.
Важеше за секогаш смирен и човек кој секогаш пробува да размислува со ладна глава, на терените и надвор од нив. Неговата смрт претставува огромна загуба за фудбалот, за навивачите и за сите кои го познаваа како спортист, но и како човек. Жота останува запаметен не само како фудбалер со исклучителен талент, туку и како борец, професионалец и човек кој никогаш не се предаваше.
Почивај во мир, Диого. Фудбалскиот свет ќе те памети засекогаш како ведар, насмеан и секогаш со убава енергија во себе.



