(Рецензија) Панини за СП 2026: Последната голема авантура пред крајот на една ера

 

Објавено:

Она што со месеци се најавуваше, конечно стана реалност. Компанијата „Панини“ официјално го пушти во продажба најголемиот албум за Светско првенство во својата историја, оној посветен на претстојниот Мундијал 2026 во Северна Америка. Откако уште во декември најавивме дека нè очекува „Годзила“ од албум со рекордни 980 сликички, колекционерите конечно можат да го започнат „ловот“ на дупликати.

Сепак, ова издание носи и доза на тага. ФИФА официјално објави дека по 60 години соработка, партнерството со „Панини“ ќе заврши по Мундијалот во 2030 година. Од 2031 година, нов партнер за колекционерски предмети ќе биде компанијата „Fanatics“. Ова значи дека сме сведоци на почетокот на крајот за иконата која започна со Мундијалот во Мексико во 1970 година.

„Иам, иам, неам“: Носталгијата како движечка сила

За нашиот член на тимот, Диме, кој е долгогодишен колекционер, овој албум е многу повеќе од обична хартија.

„Како што ластовичките ја најавуваат пролетта, така за мојата генерација собирањето сликички значеше дека летниот распуст ќе биде исполнет со фудбалска возбуда. Без разлика дали стануваше збор за Светско или Европско првенство, комплетирањето на колекцијата правеше и ние да се чувствуваме како дел од фудбалската магија. Денеска ми изгледа неверојатно дека и јас некогаш сум бил способен без да земам воздух да изговарам ‘иам, иам, иам, неам’ без да гледам список или броеви, туку едноставно според лицата на фудбалерите. Радоста од освојувањето на сликички ‘на тапка’ беше поголема од радоста за добиена 5-ка, а моментот на лепење на последната сликичка правеше да се чувствуваме како да го креваме победничкиот трофеј“.

Совети за колекционери: Како да се преживее 980-ката?

Со оглед на огромниот обем на албумот, Диме споделува неколку клучни совети за успешно (и економично) пополнување:

  • Без брзање: Не купувајте цели кутии одеднаш. Уживајте во менувањето и запознавањето нови луѓе.
  • Тргнете го притисокот: Сликичките ќе се продаваат и по првенството. Не мора да го пополните албумот пред првиот свиреж.
  • Дигитални помагала: Новиот албум има премногу сликички за рачен список. Користете апликации за полесно следење на броевите.
  • Колекционерски кодекс: Чувајте ги дупликатите уредно. Бидете галантни – понекогаш сменете се со некој на кого му треба помош, дури и ако не ви нуди еднаква вредност.
  • Групни менувања: Следете ги онлајн заедниците за средби во живо. Тоа е најбрзиот и најевтиниот пат до комплетирање.
  • Златна за златна: Традиционалното правило останува – сјајните сликички се менуваат за други сјајни или за барем 10 обични.
  • Едукација: Читајте ја историјата во албумот. Тој е автентичен алманах кој ќе ви даде знаење за квизови и тривија.
Извор: Marco Bertorello/AFP/Getty Images (https://www.theguardian.com)

Критики: Каде „Панини“ се обиде да измисли „топла вода“?

И покрај еуфоријата, колекционерите се соочуваат со неколку разочарувања во ова мундијалско издание:

  • Кодови наместо броеви: Новите сликички немаат класични броеви, туку кратенки од репрезентациите. Ова значително го успорува редењето и менувањето.
  • Недостаток на статистика: Во албум од 112 страни, разочарувачки е што нема посебна страна за впишување на резултатите, табелите и нокаут-фазата.
Copyright: SportStation.mk
  • Изгубена традиција: Ги нема повеќе наградите за собрани празни пакетчиња кои порано беа силен мотив за најмладите.
  • Каде се стадионите?: Во ова издание недостасуваат сликите од стадионите, кои во минатото беа најубавите „спојки“ од по две сликички.

За ова последново ви помагаме ние со нашиот серијал на Водич низ мундијалските стадиони 🙂 Погледнете ја нашата последна статија од серијалот, а оттаму уживајте и во патувањето низ останатите стадиони:

Мислење на тимот: Крај на една ера во тешки времиња

Нашиот колега Лео смета дека економската реалност во Македонија може да ја расипе магијата за многу деца.

„Собирањето Панини албуми е прекрасна традиција за секој навивач, но реалноста е дека кај нас ова станува луксуз. Цената на пакетчињата е иста насекаде, но за просечно македонско семејство, овој трошок е многу поголем товар отколку за навивач во Европа. Тажно е што токму во последната година од соработката на Панини и ФИФА, многу млади фанови ќе бидат спречени да го почувствуваат ова искуство поради високите цени. Ова е навистина крај на една ера со која сите пораснавме“.

Еуфоријата е тука, но предизвикот никогаш не бил поголем. Дали страста за фудбалот ќе ги победи празните паричници? Времето ќе покаже, но ловот на дупликати официјално е отворен! Бидете солидарни, и споделете ги вашите дупликати со другите собирачи – во тоа се крие и целата магија зад собирањето, нели?


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено