Иако веќе влезе во петтата деценија од животот, за Мануел Нојер годините се само бројка. Еден од најдобрите голмани во историјата на фудбалот и официјално ја продолжи верноста кон Баерн Минхен, потпишувајќи нов договор кој ќе го задржи на „Алијанц Арената“ до јуни 2027 година.
Ова значи дека Нојер ќе ја започне својата 16-та сезона во дресот на баварскиот гигант, клуб во кој пристигна во 2011 година од Шалке и каде изгради статус на вистинска икона.

Нојер: „Со овој тим можеме да го победиме секого“
И покрај тоа што во март наполни 40 години, Нојер и оваа сезона докажа дека е незаменлив меѓу стативите. Иако имаше кратка пауза поради повреда на бутниот мускул, тој запиша 36 настапи и го предводеше тимот како капитен до 13-та титула во Бундеслигата.
„Си зедов време за одлуката и сега сум навистина среќен. Тука сè е како што треба: со овој тим можеме да победиме секого. Сè уште уживам секој ден кога одам на тренинг и чувствувам дека бранам на највисоко ниво. Кај нас голманите владее заедништво, постојано се мотивираме и ја подигнуваме границата“, изјави Нојер по потпишувањето.
Искуство како поддршка за иднината
Заедно со Нојер, нов договор до 2027 година потпиша и неговата верна замена, 37-годишниот Свен Улрајх. Раководството на клубот, предводено од Макс Еберл, истакна дека двајцата ветерани ќе имаат клучна улога во развојот на младиот Јонас Урбиг, кој е проектиран како долгорочен наследник на голот на Баерн.

Нестварни бројки и поглед кон „триплета“
Откако се пресели во Минхен пред 15 години, Мануел Нојер запиша неверојатни 597 настапи, на кои дури 269 пати ја сочува својата мрежа недопрена. Во својата витрина има неверојатни 32 трофеи, а оваа сезона бројката може да се зголеми. По освојувањето на Бундеслигата и Суперкупот, избраниците на Винсент Компани на 23 мај ќе играат против Штутгарт во финалето на ДФБ-Покал, во обид да стигнат до домашна „триплета“.
Иако многумина се надеваа на негово враќање во германската репрезентација за претстојното Светско првенство во САД, Мексико и Канада, Нојер уште во февруари ја отфрли таа можност, останувајќи доследен на својата пензија од националниот тим и фокусиран исклучиво на успесите со Баерн.



