Повеќемесечните шпекулации и неизвесноста на „Стемфорд Бриџ“ конечно добија епилог. Како што ексклузивно потврди најпознатиот фудбалски инсајдер Фабрицио Романо, Чаби Алонсо постигнал начелен договор и ќе биде новиот менаџер на лондонски Челси.
Шпанскиот стратег се согласил на четиригодишен договор и се очекува следната недела да пристигне во Лондон за официјално потпишување и промоција пред јавноста. Алонсо станува дури шестиот перманентен менаџер во турбулентната ера на сопствениците Тод Боли и Бехдад Егбали.
Од чудото со Леверкузен до предизвикот во Лондон
Овој потег на управата на Челси доаѓа непосредно по болниот пораз од 1:0 во финалето на ФА Купот од Манчестер Сити, по кој следеа и масовни протести на незадоволните навивачи пред „Вембли“. Со ангажманот на Алонсо, раководството се надева дека ќе донесе долгорочна стабилност и јасна тактичка визија.
Иако неговата последна авантура во Реал Мадрид заврши неславно со отказ во јануари по само 233 дена поминати на клупата, рејтингот на Алонсо останува исклучително висок благодарение на историската двојна круна без пораз која ја освои со Баер Леверкузен.
Интересен е податокот дека 44-годишниот Шпанец не барал апсолутна контрола врз трансфер-политиката, туку изразил подготвеност да соработува со постоечкиот спортски сектор на Челси и директорите Лоренс Стјуарт и Пол Винстанли.
Навивачите скептични, ривалите фаќаат сеир
Веста за пристигнувањето на Алонсо предизвика лавина реакции на социјалните мрежи. Додека дел од фановите на Челси се надеваат дека неговиот препознатлив стил конечно ќе донесе ред во скапиот, но неорганизиран тим, навивачите на ривалските екипи не пропуштија шанса за шега.
„Ако верувате дека Алонсо ќе добие отказ до средината на сезоната, ставете лајк“, коментира еден корисник, додека друг додава: „Здраво Чаби… време е самоуверено да ги однесеш во зоната за испаѓање“.
Сепак, пред Алонсо е сериозна работа. Тој ќе мора брзо да одлучи дали ќе го имплементира својот препознатлив систем со тројца играчи во последната линија, како и да го реши проблемот со неконзистентноста на крилните позиции. Едно е сигурно, на „Стемфорд Бриџ“ никогаш не е здодевно, а со доаѓањето на Чаби Алонсо, фокусот на фудбалската јавност повторно ќе биде вперен кон синиот дел од Лондон.



