Рим има своја кралица: Свитолина преку Гоф до трета круна на „Форо Италико“!

 

Објавено:

Осум години по нејзините незаборавни последователни триумфи во 2017 и 2018 година, Елина Свитолина повторно се качи на тронот во Рим. Украинската тенисерка ја потврди својата неверојатна еволуција и со лавовска борба стигна до својата трета титула на Мастерсот во Рим, совладувајќи ја Коко Гоф со 6-4, 6-7(3), 6-2 по епска битка која траеше речиси три часа.

Со препознатливиот борбен дух, 31-годишната тенисерка од Одеса (моментално 10-та на ВТА листата) успеа да ја „сомеле“ уште една топ-10 противничка, откако во претходните рунди ги елиминираше и Елена Рибакина и Ига Швјонтек. Од друга страна, за 4-тата светска тенисерка Коко Гоф ова е уште едно болно разочарување, со оглед на тоа што втора година по ред си заминува од Рим како вицешампионка.

Како се развиваше епското финале

Американката започна многу поостро, правејќи експресен брејк за водство од 4-2 со агресивен тенис и моќни сервиси. Но, Свитолина остана максимално смирена. Клучниот пресврт во првиот сет се случи во осмиот гем кога Гоф прокоцка предност од 40-0 на свој сервис. Свитолина го казни тој пад на концентрацијата, израмни на 4-4, го презеде моментумот и со хируршка прецизност го затвори сетот со 6-4.

Вториот сет донесе исцрпувачка војна на нерви. Иако Свитолина постојано вршеше притисок и имаше брејк-шанси во речиси секој гем, Гоф покажа извонредна ментална цврстина. Американката го издржа пресијата и во тај-брејкот врза четири поени по ред (од 3-3) за да избори одлучувачки сет.

Кога многумина очекуваа младата Американка физички и психолошки да го преземе мечот, Свитолина покажа зошто е вистинска шампионка. При резултат 2-2 во третиот сет, бекхендот на Гоф целосно попушти под притисокот. Свитолина направи клучен брејк за 3-2, а потоа со неверојатна свежина и трчање по секоја топка стигна и до втор брејк за 5-2. Драмата не изостана ниту во последниот гем каде Украинката мораше да спасува три брејк-топки, пред конечно да ја искористи својата трета меч-точка со брилијантен бекхенд волеј на мрежата.

Мајка, сопруга и римска легенда: „Ова ми е еден од најтешките ждребови во кариерата“

За Свитолина ова е 28-ма победа сезонава и дефинитивна потврда за нејзиното враќање во светскиот крем по породувањето и паузата кога стана мајка на ќерката Скај, која ја има со сопругот Гаел Монфис.

„Ова дефинитивно беше екстремно тешка битка. Пресреќна сум како се справив со нервите, не само денеска туку и во текот на овие две недели. Моето тело реагираше одлично на овие исцрпувачки мечеви. Сум освојувала различни титули во различни периоди од кариерата, но оваа ми е дефинитивно една од најтешките поради пеколниот ждреб што го имав. Многу сум горда на себе,“ изјави емотивната Свитолина по триумфот.

Следна дестинација за трикратната кралица на Рим е Париз и Ролан Гарос. Свитолина знае дека таму ја чекаат нови големи битки каде сите ќе сакаат да го земат нејзиниот скалп.

„Веќе двапати бев во ваква ситуација по Рим. Ова ми дава огромна самодоверба пред Ролан Гарос, но сакам да останам цврсто на земја, да работам напорно и да одам натпревар по натпревар. Таму нема лесен противник, сите играат без притисок против тебе и мораш да бидеш подготвен за војна уште од првото коло,“ заклучи Украинката.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено