Како што пристигнуваат возачите и тимовите во Велика Британија за претстојната трка во Силверстоун, така сите очи се вперени кон Макс Верстапен и гласините дека од идната година ќе вози за Мерцедес.
Иронично, Верстапен кој е познат по тоа што не сака многу медиумско внимание, уште при пристигнувањето беше центарот на љубопитните новинари, кои го прашуваа дали има вистина во гласините.
“Не сакам да зборувам за мојот договор. Не е донесена никаква одлука до овој момент. За мене не важна ни 2026 ни ништо. Јас сум само сконцентриран на она што доаѓа и на соработката со тимот. Секако, многу луѓе си имаат свои претпоставки. Но, тие сигурно не доаѓаат од мене”, изјави четирикратниот шампион во Формула 1.

Сепак, Макс кој најчесто јасно ги отфрла шпекулациите, не беше конкретен ни во тоа дека ги негира: “Како што кажав и минатата недела, тоа е сè што имам да кажам на темата. Никој не може да биде 100% сигурен дека ќе се чувствува удобно идната година. Има толку многу непознати фактори и без другото за наредната сезона. Единствено што можам да направам е да возам најбрзо што можам со она што го имам на располагање”.
Моменталната ситуација во Мерцедес, не помага премногу околу шпекулациите. Двајцата моментални возачи, Џорџ Расел и дебитантот Кими Антонели имаат договори на една година, кои истекуваат на крајот на сезоната.
Иако се очекуваше првиот возач Расел веќе да го има потпишано новиот договор со тимот, наводно преговорите се сè уште во тек и таков договор не е потпишан. Британскиот возач и тимот, се исто така воздржани при секое прашање за договорот, па како што стојат работите и таму сè е можно.

Не е ништо ново дека менаџерот на Формула 1 тимот на Мерцедес, Тото Вулф, веќе одамна има желба да го донесе Макс во својот тим, а ако сега му се покажа шанса, најверојатно и ќе го направи тоа на сметка на некој од двајцата сегашни возачи.
Верстапен беше запрашан од новинарите и дали би се замислил себе си да вози за друг тим во иднина, на што одговори: “Ќе кажам не, затоа што ако кажам да, луѓето пак ќе измислуваат сензационални наслови и тоа не е нешто што го сакам. Отсекогаш му кажував на мојот тим дека би било идеално да ја завршам кариерата во Формула 1 во еден тим и мислам дека и за нив важи истото. Мислам дека тоа би било нешто неверојатно и тоа е она што се обидуваме да го постигнеме”.
Но, сепак кога беше запрашан зошто тогаш неговите луѓе биле да се видат со тимот на Мерцедес, тој само одговори: “Немам што да додадам”.
Max Verstappen says he has “nothing more to add” on the talk surrounding his future#F1 #BritishGP pic.twitter.com/LroSa5dJZW
— Formula 1 (@F1) July 3, 2025



