Светскиот фудбал е пред незапаметен потрес. Најверодостојните спортски извори во светот, вклучувајќи ги угледниот новинар Давид Орнстин од „The Athletic“, инсајдерот Фабрицио Романо и aнглискиот сервис „ББС Спорт“, вечерва потврдија дека Пеп Гвардиола дефинитивно ќе го напушти Манчестер Сити по завршувањето на оваа сезона.
Шпанскиот генијалец реши да стави крај на својата славна десетгодишна ера на „Етихад“, а раководството на клубот веќе ја подготвува неговата замена. Како што пренесуваат сите релевантни медиуми, главен фаворит и речиси сигурен наследник на жешкото столче е поранешниот менаџер на Челси, Енцо Мареска.

Гвардиола си оди со 20 трофеи, Мареска се враќа на „Етихад“
Иако договорот на Гвардиола имаше важност до јуни 2027 година, а самиот тој на прес-конференциите упорно повторуваше дека има „уште една година“, инсајдерите откриваат дека членовите на стручниот штаб и фудбалерите веќе се известени за неговото заминување. Пеп заминува по сезона во која веќе ги освои Карабао купот и ФА купот (со саботната победа над Челси), заокружувајќи ја бројката на дури 20 големи трофеи со Сити.
Неговиот наследник, 46-годишниот Енцо Мареска, одлично ја познава средината. Италијанецот претходно го предводеше тимот на Сити до 21 година, а во 2022 година му беше и прв помошник на Гвардиола во првиот тим. По успешната епизода во Лестер и неколкумесечниот престој во Челси, кој заврши во јануари годинава, Мареска веќе имал неколку рунди преговори со челниците на Сити за преземање на функцијата.

Последен танц против Астон Вила за историска седма титула
Пред Пеп Гвардиола остануваат уште само два натпревари на кормилото на граѓаните – против Борнмут и големото финале на сезоната против Астон Вила на 24 мај. Токму тој натпревар на домашен терен може да му донесе епско збогување, со оглед на тоа што Сити сè уште е во трка за титулата во Премиер лигата, каде заостанува само два бода зад лидерот Арсенал.
Со заминувањето на Гвардиола, но и најавените заминувања на клучните столбови како Бернардо Силва и Џон Стоунс, Манчестер Сити го очекува лето на радикални промени. Шпанецот го смени пејзажот на англискиот фудбал, поставувајќи рекорди со 100 освоени бодови во една сезона, четири последователни титули во низа и историската Трпл круна во 2023 година. Пронаоѓањето на негов наследник ќе биде најтешката задача во модерната историја на клубот.



