Селекторот на бразилската репрезентација, Карло Анчелоти, го објави официјалниот список од 26 фудбалери за претстојното Светско првенство, а главната вест во Јужна Америка е спектакуларното враќање на најдобриот стрелец во историјата на „кариоките“ – Нејмар!
Иако голем дел од локалните аналитичари и поранешни фудбалери до пред само неколку дена тврдеа дека неговиот повик е невозможна мисија, 34-годишниот волшебник успеа да ги демантира сите скептици. На свечената церемонија во Рио де Жанеиро, искусниот италијански стратег потврди дека Нејмар ја добил битката со времето и со повредите и ќе ја предводи Нацијата во потрага по рекордната шестта светска круна.
Делириум на претставувањето на бразилскиот тим – Нејмар ќе игра на Светско!
— sportstation (@sportskastanica) May 18, 2026
*Ви оставивме неколку играчи пред и после за да ви ја доловиме разликата во реакцијата! 🙂 #Brazil #Neymar #WorldCup pic.twitter.com/zPOXfGF1Qs
Од пеколот во Саудиска Арабија, до преродба во матичниот Сантос
Зад Нејмар е исклучително тежок и макотрпен период, кој започна со страшната повреда на лигаментите во октомври 2023 година. По неуспешната и фрустрирачка епизода во Ал Хилал, каде поради повреди одигра само седум натпревари за речиси година и половина, тој реши да се врати во својот матичен клуб Сантос. Таму ја пронајде старата препознатлива форма, завршувајќи ја клупската сезона со ефект од шест голови и четири асистенции.
„Кај Нејмар неговиот огромен талент никогаш не бил и нема да биде под знак прашалник. Единственото нешто што моравме детално да го анализираме и да го процениме беше неговата физичка подготвеност. На теренот видовме дека тој е подготвен“, објасни Анчелоти.
Пред објавувањето на списокот, илјадници фанови со часови беа собрани пред зградата во Рио де Жанеиро, гласно скандирајќи го името на својот идол. Кога Анчелоти конечно го прочита неговото име, во салата и пред неа настана вистинска навивачка експлозија. За Нејмар, кој има 79 голови на 128 настапи за Бразил, ова ќе биде четврти Мундијал по настапите во 2014, 2018 и 2022 година.
Комплетниот список на Бразил: Без Родриго, но со силно темпо
Италијанскиот предводник, кој неодамна го продолжи договорот со Бразилската фудбалска конфедерација до 2030 година, се соочува со сериозни проблеми поради повреди на неколку клучни играчи. Најголем хендикеп за „селесао“ на претстојниот турнир во Северна Америка ќе биде отсуството на напаѓачите Родриго од Реал Мадрид и младата сензација Естевао. Исто така, и покрај солидната сезона во Челси, место во авионот не се најде за Жоао Педро.
Еве го комплетниот состав на петкратниот светски првак:
- Голмани: Алисон (Ливерпул), Едерсон (Фенербахче), Вевертон (Гремио).
- Одбрана: Алекс Сандро, Данило, Лео Переира (Фламенго), Бремер (Јувентус), Ибањез (Ал-Ахли), Весли (Рома), Маркињос (ПСЖ), Габриел Магаљаеш (Арсенал), Даглас Сантос (Зенит).
- Среден ред: Бруно Гимараеш (Њукасл), Каземиро (Манчестер Јунајтед), Данило Сантос (Ботафого), Фабињо (Ал-Итихад), Лукас Пакета (Фламенго).
- Напад: Ендрик (Лион), Габриел Мартинели (Арсенал), Игор Тијаго (Брентфорд), Матеус Куња (Манчестер Јунајтед), Рафиња (Барселона), Винисиус Јуниор (Реал Мадрид), Луис Енрике (Зенит), Нејмар (Сантос), Рајан (Борнмут).
Бразил ќе ја започне својата мундијалска кампања во рамките на групата Ц на 13 јуни против селекцијата на Мароко. Потоа следува дуелот со Хаити на 20 јуни, а групната фаза „кариоките“ ќе ја затворат на 24 јуни против Шкотска. Нацијата чека на светски трон уште од далечната 2002 година и ерата на Роналдо и Роналдињо – дали со магијата на Нејмар е време за прекин на постот?



