Фудбалерите на Арсенал синоќа ја завршија својата домашна мисија во Премиер лигата за оваа сезона и застанаа на само еден чекор до освојување на долгоочекуваната шампионска титула. Во исклучително тензичен натпревар на „Емирати“, лондонскиот тим успеа да го совлада Барнли со минимални 1:0, благодарение на голот на Каи Хаверц во првото полувреме.
Со овие три златни бода, избраниците на Микел Артета сега имаат пет бода предност на врвот на табелата пред второпласираниот Манчестер Сити. Огромниот притисок сега е целосно префрлен во таборот на „граѓаните“, а големата разврска може да се случи уште вечерва.
Манчестер Сити му гостува на незгодниот Борнмут во својот заостанат натпревар, а математиката е јасна – доколку тимот на Пеп Гвардиола киксне на ова гостување, Арсенал уште вечерва и официјално ќе ја прослави првата титула по цели 22 години чекање. Во случај Сити да победи, шампионот ќе се решава во недела, кога во последното коло Арсенал му гостува на Кристал Палас.

Ултра-офанзивен старт и нов историски рекорд од прекини
Арсенал уште од првата минута тргна во офанзива, свесен дека против веќе испаднатиот Барнли нема простор за никакви калкулации. Пред да падне клучниот гол, домаќините пропуштија неколку сериозни шанси, а најблиску до водство беа преку Леандро Тросар, чиј силен удар заврши во стативата.
Сепак, бедемот на гостите конечно беше пробиен во 37-та минута преку најсилното оружје на Арсенал оваа сезона – прекините. Букајо Сака испрати остар центаршут од корнер, а Каи Хаверц одлично се снајде во петерецот и со глава ја смести топката во мрежата за тотален делириум на трибините.
Bukayo Saka lived every part of @Arsenal‘s winner against Burnley! pic.twitter.com/E2PsGjxdWW
— Premier League (@premierleague) May 18, 2026
Овој погодок донесе и нов апсолутен рекорд во историјата на Премиер лигата, бидејќи за Арсенал ова беше дури 18-ти гол постигнат директно по изведен корнер во една сезона.
Давид Раја застана на тронот до легендарниот Дејвид Симан
Вториот дел донесе невообичаена нервоза кај домаќините. Притисокот од важноста на резултатот си го направи своето, па „топчиите“ направија неколку сериозни грешки во пренесувањето на топката и ја загубија контролата на средината од теренот. Сепак, челичната одбрана на Арсенал уште еднаш заврши лавовска работа. Во судиското продолжение, кога Барнли се обиде да организира опасна контра, дефанзивецот Габриел со фантастична реакција го неутрализираше напаѓачот Амдуни, по што бурно го прослави потегот заедно со навивачите.
Синоќешниот триумф донесе уште едно епско остварување за клубот од Северен Лондон. Шпанскиот голман Давид Раја по 19-ти пат оваа сезона ја сочува својата мрежа недопрена. Со оваа „чиста мрежа“, тој официјално го израмни култниот клупски рекорд на легендарниот Дејвид Симан и уште пред финишот на кампањата ја осигура наградата „Златна ракавица“.
По завршувањето на мечот, фудбалерите и нивните семејства го направија традиционалниот круг на честа, а менаџерот Микел Артета се обрати пред преполниот стадион преку клупскиот разглас. Тој им се заблагодари на навивачите што ги кренаа стандардите на клубот и порача дека тимот е подготвен да ја допише историјата во недела, пред да се фокусира на големото финале во Лигата на шампионите против ПСЖ во Будимпешта. Источниот дел од трибините му одговори со јасен транспарент: „Микел знае“. И навистина, Арсенал изгледа подготвен за крунисување.




