Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје утревечер од 20 часот ќе биде домаќин на финалниот натпревар од Купот на Македонија. Пресметката помеѓу Силекс и Шкендија го носи последниот сребрен пехар во домашната сезона, но и многу повеќе од тоа – победникот си обезбедува директен излез на меѓународната сцена во квалификациите за Европа.
За кратовскиот состав ова е златна шанса да ја круниса одличната сезона во која заврши на четвртата позиција во првенството. Шефот на стручниот штаб на Силекс, Александар Васоски, јасно стави до знаење дека за неговите момци ова е натпревар на кариерата, но улогата на благ фаворит сепак му ја препушти на противникот.
„За нас ова е натпревар на сезоната бидејќи влогот е огромен. Шкендија е исклучително квалитетен и искусен противник кој има предност кога станува збор за играње големи европски натпревари. Сепак, ние детално ги анализиравме и ќе се обидеме да ги искористиме нивните слабости. Наша предност би можел да биде заморот кај противникот, со оглед на тоа што Шкендија зад себе има дури 54 мечеви оваа сезона. Посакувам квалитетно финале и нека победи подобрата екипа“, изјави Васоски.

Тетовци бркаат пехар по осум години
Во таборот на Шкендија владее огромен оптимизам, особено ако се земе предвид дека тетовскиот гигант се враќа во битка за овој трофеј по пауза од цели осум години. Менаџерот Јетон Беќири најави максимално мотивиран пристап, но и покажа голем респект кон тимот од Кратово.
„Шкендија по долги осум години повторно е дел од големото куп-финале. Имаме максимална почит кон Силекс, тие веќе две години играат на врвно ниво, а минатата сезона до последното коло се бореа со нас за шампионската титула. Свесни сме дека нијанси и еден единствен момент ќе го решат победникот. Нашето европско искуство е плус, но во ваков систем на еден добиен меч тоа не мора ништо да значи. Се надевам пред сè на фер игра и коректно судење на теренот“, потенцираше Беќири.
Сепак, тетовци пред утрешниот меч се соочуваат со огромен хендикеп во офанзивната линија. Најдобриот стрелец на тимот, Бесарт Ибраими, заработи тешка повреда поради која дефинитивно го пропушта финалето во Скопје, а за него оваа натпреварувачка сезона е предвреме завршена.

Капитените порачуваат: Тимскиот дух го носи трофејот
Дека борбата на теренот ќе биде брутална и максимално отворена потврдуваат и изјавите на предводниците со капитенските ленти на двете екипи.
Капитенот на Шкендија, Арбин Зејнулаи, потсети на клупските стандарди:
„Амбициите на Шкендија секогаш се највисоки – напаѓаме трофеи на домашен план и сакаме добар настап во Европа. Ова е исклучително важен натпревар за нас. Доколку секој од нас го даде својот максимум на теренот, верувам дека на крајот ние ќе се радуваме со пехарот“.
Од друга страна, лидерот на кратовци, Дарко Анѓелески, верува во колективот:
„Ова е дефинитивно најважните 90 минути за Силекс оваа година. Подготвени сме да оставиме сè на теренот. Го почитуваме противникот, но силно веруваме во нашиот квалитет и нескршливиот тимски дух. Се надевам на фер и одлично финале и голема радост за нашите навивачи по последниот свиреж“.




