Сензационален камбек: Нагелсман го врати 40-годишниот Нојер од пензија!

 

Објавено:

Селекторот на германската репрезентација, Јулијан Нагелсман, ја шокираше светската спортска јавност со објавувањето на конечниот список од 26 фудбалери за претстојното Светско првенство во САД, Канада и Мексико. Најголемото изненадување дефинитивно е враќањето на легендарниот голман Мануел Нојер, кој иако има 40 години и веќе беше во меѓународна пензија, не само што се враќа во националниот тим, туку веднаш е промовиран во прв избор меѓу стативите за претстојниот Мундијал.

Германија, која е четирикратен светски првак, со овој потег јасно ги истакнува своите шампионски амбиции, обидувајќи се да го избрише лошиот впечаток и елиминациите во групната фаза на претходните две светски првенства (2018 и 2022 година).

Повредата на Тер Штеген ја отвори вратата за легендата

Мануел Нојер стави крај на својата репрезентативна кариера по завршувањето на ЕП 2024 година, запишувајќи вкупно 124 настапи за Германија, со која се искачи на светскиот трон во Бразил во 2014 година. Сепак, плановите на Нагелсман претрпеа сериозен удар откако првиот планиран голман, Марк-Андре тер Штеген, доживеа тешка повреда која комплетно го исфрли од комбинација за Мундијалот.

Селекторот тогаш реши да го активира „планот Нојер“, кој зад себе има одлична сезона во Баерн Минхен, каде што ја освои Бундеслигата и стигна до полуфиналето во Лигата на шампионите.

„Сите многу добро ја знаат аурата и квалитетот што ги поседува Мануел Нојер, како и она што тој го носи за целиот тим во соблекувалната. Нашите планови се јасни – тој патува во Северна Америка како наш број еден на голот“, потврди Нагелсман.

Извор: https://www.dfb.de

Со оваа одлука, Нојер му се приклучува на ексклузивниот „клуб 40+“ кој ќе ја одбележи оваа фудбалска пролет, каде што веќе се наоѓаат Кристијано Роналдо (41), Лука Модриќ (40), Един Џеко (40) и шкотскиот голман Крег Гордон (43). Покрај Нојер, на голманската позиција за Германија се повикани Оливер Бауман и Александар Нибел, додека младиот Јонас Урбиг патува како поддршка за тренинзите.

Спој на искуство и младост: Деби за Вирц и тинејџерот Карл

Капитенската лента на „панцирите“ ќе ја носи искусниот Џошуа Кимих, а најголемо внимание привлекува уште еден дебитант на светските првенства – преродениот фудбалер на Ливерпул, Флоријан Вирц, кој го пропушти претходниот Мундијал поради тешка повреда на коленото.

Нагелсман направи интересен баланс во средниот ред и нападот. На списокот се најде 18-годишниот тинејџер од Баерн, Ленарт Карл, кој воодушеви со своите партии изминатава сезона, како и 34-годишниот ветеран Паскал Грос од Брајтон. Нападот ќе биде предводен од Каи Хаверц од Арсенал и нетипичниот џин од Њукасл, Ник Волтемаде (висок 198 сантиметри), кој треба да биде германското решение за модерен класичен напаѓач. Интересно е што поранешната ѕвезда на Баерн, Лерој Сане, на Мундијалот доаѓа како член на турскиот Галатасарај.

Германија се наоѓа во групата Е, а својата мисија за петтата светска ѕвезда ја започнува на 14 јуни во Хјустон против дебитантот Курасао. Во рамките на оваа група, Германците ќе се соочат уште и со Брегот на Слоновата Коска (20 јуни во Торонто) и со Еквадор (25 јуни во Њу Џерси).

Комплетниот состав на Германија за Светското првенство:

ГОЛМАНИ: Оливер Бауман (Хофенхајм), Мануел Нојер (Баерн Минхен), Александар Нибел (Штутгарт);

ОДБРАНА: Валдемар Антон (Борусија Дортмунд), Натаниел Браун (Ајнтрахт Франкфурт), Џошуа Кимих (Баерн Минхен), Давид Раум (РБ Лајпциг), Антонио Ридигер (Реал Мадрид), Нико Шлоттербек (Борусија Дортмунд), Џонатан Та (Баерн Минхен), Малик Тиав (Њукасл);

СРЕДЕН РЕД: Надием Амири (Мајнц), Леон Горецка (Баерн Минхен), Паскал Грос (Брајтон), Џејми Левелинг (Штутгарт), Џамал Мусиала (Баерн Минхен), Феликс Нмеча (Борусија Дортмунд), Александар Павловиќ (Баерн Минхен), Анџело Стилер (Штутгарт), Флоријан Вирц (Ливерпул);

НАПАД: Максимилијан Баер (Борусија Дортмунд), Каи Хаверц (Арсенал), Ленарт Карл (Баерн Минхен), Лерој Сане (Галатасарај), Дениз Ундав (Штутгарт), Ник Волтемаде (Њукасл).

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено