Официјалниот список на Тухел предизвика лавина критики пред СП 2026

 

Објавено:

Она што синоќа почна како „чаршиски муабет“, утринава стана сурова реалност. Селекторот на Англија, Томас Тухел, официјално го објави списокот од 26 фудбалери кои ќе патуваат на Светското првенство во САД, Канада и Мексико, предизвикувајќи вистинска бура од реакции во британската јавност. Германскиот стратег донесе неколку бескомпромисни одлуки, оставајќи ги дома некои од највредните и најталентираните англиски ѕвезди.

Најскапиот изоставен играч во светот и падот на ѕвездата на Сити

Најголемото изненадување на списокот, без сомнение, е изоставувањето на Кол Палмер. Фудбалерот на Челси, чија пазарна вредност се проценува на вртоглави 110 милиони евра (што го прави четврти најскап Англичанец и меѓу 15-те најскапи во светот), нема да биде дел од националниот тим. Иако имаше проблеми со повреди во вториот дел од сезоната, неговото изоставување предизвика гнев кај навивачите на Челси и неутралните љубители на фудбалот.

Втората огромна жртва на резот на Тухел е Фил Фоден (Манчестер Сити, 80 милиони евра). Фоден имаше кошмарна сезона под водство на Пеп Гвардиола, ретко добивајќи шанса во стартните единаесет. Иако Тухел му даде шанса на пријателските натпревари во март, германскиот стручњак оцени дека тоа не е доволно за место во тимот кој ќе атакува на светската круна. Заедно со нив, (не)очекувано отпадна и Трент Александер-Арнолд.

Мегваер „уништен“, Хендерсон и Тони како џокери?

Потврдено е и отсуството на Хари Мегваер, кој веќе јавно изрази разочарување, додека Тухел во одбраната реши да му верува на Џон Стоунс, и покрај неговата сезона проткаена со повреди, како и на Ден Брн и Езри Конса.

Она што најмногу ги налути англиските навивачи е инсистирањето на Тухел да ги повика ветеранот Џордан Хендерсон (како човек за атмосфера во соблекувалната) и напаѓачот Иван Тони, кој има 30 години и игра во Саудиска Арабија, на сметка на играчи во врвна форма како Морган Гибс-Вајт и Џерод Бовен.

Коментарите на социјалните мрежи се немилосрдни: „Тухел работи за Германија одвнатре“, „Кој би нормален би го повикал Хендерсон пред Гибс-Вајт?“ и „Нема Палмер, нема забава“. Едно е сигурно, Тухел стави сè на коцка. Доколку овој тим не донесе резултат, германскиот стратег ќе биде распнат од суровите британски медиуми уште пред да слета во Лондон.

Што мислите вие? Дали Тухел е генијалец кој знае што прави или човек кој свесно си пука во колено?

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено