НБА лигата официјално ги објави трите најдобри петорки за регуларниот дел од сезоната 2025/26. Гласачкиот панел составен од спортски новинари и медиумски претставници го избра елитното друштво без оглед на позициите на играчите на паркетот, а резултатите донесоа апсолутна доминација на новата бранот суперѕвезди, но и неколку шокантни отсуства на најзвучните кошаркарски имиња на денешницата.
Идеалниот тим: Максимален респект за Јокиќ и СГА, Вемби на чекор до перфекција
Првата петорка во НБА лигата (All-NBA First Team) годинава е составена од играчи кои доминираа во сите статистички категории и ги предводеа своите тимови до врвот. Лидери во гласањето се Никола Јокиќ и Шаи Гилџус-Александер, кои добија максимални 100 гласови за место во првиот тим на сите 100 гласачки ливчиња.
Веднаш зад нив е францускиот феномен Виктор Вембањама, кој се најде во првата петорка на 99 ливчиња. Друштво во идеалниот тим им прават словенечкиот виртуоз Лука Дончиќ и бекот на Детроит Пистонс, Кејд Канингем, на кого ова му е најголемо признание во досегашната кариера.
- Прва петорка (All-NBA First Team): Кејд Канингем, Лука Дончиќ, Шаи Гилџус-Александер, Никола Јокиќ, Виктор Вембањама.
Втора и трета петорка: Историја за Дјурант и елита за дебитантите
Втората најдобра петорка е предводена од искусниот Кевин Дјурант, кој со овој избор стана само 12-тиот кошаркар во историјата на НБА со вкупно 12 избори во идеалните тимови. Кавај Ленард стигна до својот седми избор, Брансон и Мичел по третпат се дел од елитата, додека Џејлен Браун ја предводи оваа група откако доби 44 гласови за првиот тим, што е најмногу од сите играчи кои останаа надвор од водечките петмина.
Втора петорка (All-NBA Second Team): Џејлен Браун, Џејлен Брансон, Кевин Дјурант, Кавај Ленард, Донован Мичел.

Третата петорка донесе целосна смена на генерациите, бидејќи сите пет избрани кошаркари за првпат во кариерата добиваат вакво признание.
Трета петорка (All-NBA Third Team): Тајрис Макси, Џамал Мареј, Џејлен Џонсон, Чет Холмгрен, Џејлен Дјурен.
Шок за ветераните: Правилото од 65 натпревари ги елиминираше најголемите!
Најголемата дебата по објавувањето на тимовите се појави поради строгото НБА правило според кое играчите мора да одиграат најмалку 65 натпревари во сезоната за да бидат земени предвид за индивидуалните награди.
Поради оваа регулатива, Леброн Џејмс остана неквалификуван за гласање. Ова е само вторпат во неговата нестварна 23-годишна кариера Кралот да не биде избран во ниту една од трите најдобри петорки. Поради истиот проблем, од комбинација отпаднаа и суперѕвездата на Голден Стејт, Стеф Кари, како и лидерот на Милвоки, Јанис Антетокумпо. Со ова се прекина импресивната серија на Гркот, кој претходно осум години по ред беше редовен член на идеалните НБА тимови.



