Митот за „одбиениот дрес“: Дали Милан Илоски навистина ѝ кажа „НЕ“ на Македонија?

 

Објавено:

Кога пред неколку дена на нашите социјални мрежи објавивме видео од фантастичниот хет-трик на Милан Илоски и тоа како слави со македонското знаме на градите, коментарите буквално експлодираа. Додека многумина се воодушевуваа на неговите потези во американската МЛС лига, добар дел од вас поставија едно легитимно, но тешко прашање: „Зошто го славите, кога човекот го одби повикот да игра за Македонија?!“

Ние во Спортска Станица сериозно ги сфаќаме вашите коментари. Тие нè мотивираа да започнеме едно истражување за да дознаеме што точно се крие зад наративот дека американскиот напаѓач со македонско потекло ѝ свртел грб на татковината.

Трагата на социјалните мрежи: Неофицијални гласини или факти?

Враќајќи се наназад, единствените „докази“ дека Илоски одбил да игра за репрезентацијата потекнуваат од средината на март 2026 година. На 14 март, неколку неофицијални фан-страници објавија статуси со следнава содржина: „Милан Илоски го одби повикот од селекторот Гоце Седлоски за мечот против Данска бидејќи сака повеќе време да одлучи за својата репрезентативна иднина“.

Овие објави коинцидираа со исклучително тежок период за Илоски на клупски план. Неговиот тим Филаделфија Јунион беше во сериозна резултатска криза, а токму таа вечер Илоски промаши пенал во поразот од Атланта.

Сепак, длабокото истражување низ архивите на ФФМ, изјавите на тогашниот селектор Седлоски и прес-конференциите покажуваат еден круцијален факт: Не постои ниту една единствена официјална потврда, ниту од федерацијата, ниту од играчот, дека таков повик воопшто бил упатен во март 2026 година, а уште помалку дека бил одбиен.

Тука можете да ја погледнете целосната прес-конференција на Седлоски од 16 март, при објавувањето на ростерот за играчите кои беа повикани за баражот со Данска:

Официјалните изјави кажуваат друга приказна

Доколку го премотаме филмот малку поназад, сликата станува многу појасна. Во август 2025 година, новинарот Филип Мишов направи ексклузивно интервју со Илоски за rg.org, каде напаѓачот зборуваше токму за своите национални амбиции:

„Целата страна од кај татко ми е македонска. Пораснав со моите баба и дедо кои ми зборуваа македонски… Горд сум што сум од Македонија. Пораснав со македонските вредности и тоа е голем дел од мојот карактер. Претставувањето на националниот тим е вистинска чест. Разговарав со неколку играчи, тоа би била многу интересна можност и отворен сум за сè“, изјави тогаш Илоски.

Токму во тој период (август 2025), на прес-конференција тогашниот селектор Благоја Милевски беше директно прашан за Илоски. Неговиот одговор јасно покажа дека стручниот штаб тогаш сè уште не бил подготвен да му даде официјална шанса:

„Илоски има потенцијал, контактиран е, но потребно е да се стабилизира на едно место и да покаже квалитет во континуитет, па тогаш повторно ќе разговараме“, изјави Милевски пред новинарите.

Нашата редакција уште во октомври 2025 година, преку серијалот Досие Спортска Станица, апелираше дека чекањето „континуитет“ е опасна игра кога имате играч кој тресе мрежи во МЛС лигата.

Дали бирократијата е вистинскиот виновник?

Спојувајќи ги овие парчиња, вистината можеби лежи во бирократските лавиринти. Добивањето македонски пасош за играч роден во Калифорнија е сложен и бавен процес. Кога поради административни пречки играчот не е на списокот, фановите на социјалните мрежи брзаат со заклучокот: „Не нè сака, нè одби“. Или можеби не можел да дојде на еден конкретен повик.

Ако навистина ја презира Македонија и ги одбил „рисовите“, зошто 26-годишниот фудбалер би славел хет-трик во МЛС лигата со македонското знаме на градите, гордо покажувајќи го кон трибините?

Ние нема да застанеме тука. За да ја расчистиме оваа мистерија до крај и да ставиме точка на шпекулациите, Спортска Станица веќе стапи во контакт со Милан Илоски и во меѓувреме додека ви ја подготвувавме оваа статија пристигна директен одговор од самиот фудбалер кој ќе го објавиме наскоро.

Следете нè, приказната штотуку почна да се расплетува!

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено