Селекторот на фудбалската репрезентација на Холандија, Роналд Куман, официјално го соопшти финалниот список од 26 фудбалери кои ќе ги бранат боите на „Лалињата“ на Светското првенство ова лето. Капитенската лента очекувано останува на раката на Вирџил ван Дајк, но списокот донесе неколку големи изненадувања и болни отсуства поради повреди.
Тимот на Куман ќе патува на Мундијалот со силен „англиски“ печат, со оглед на тоа што дури 15 репрезентативци настапуваат во англиската Премиер лига.
Болен удар за Фримпонг и кошмар со повредите
Убедливо најголемото изненадување, иако донекаде очекувано поради околностите, е изоставувањето на Џереми Фримпонг. Десниот бек зад себе има сезона за заборав по неговиот трансфер во Ливерпул од Баер Леверкузен пред една година. Откако одигра само 12 натпревари во Премиер лигата и претрпе дури три повреди на задната ложа, Куман одлучи да не ризикува со 25-годишниот дефанзивец.
Медицинскиот билтен направи вистински хаос во плановите на селекторот. Холандија на Мундијалот ќе патува без Чави Симонс (Тотенхем), кој во април ги скина предните вкрстени лигаменти, како и без Матијс де Лихт. Дефанзивецот на Манчестер Јунајтед нема одиграно натпревар уште од ноември и неодамна мораше да замине на операција на грбот. Од списокот извиси и искусниот стопер на Интер, Стефан де Врај.
This summer, 𝑶𝒓𝒂𝒏𝒋𝒆 is coming… 🌇#NothingLikeOranje #FIFAWorldCup pic.twitter.com/t6b21H7itL
— OnsOranje (@OnsOranje) May 27, 2026
Функционалност пред креативност
Британските аналитичари го оценуваат тимот на Куман како исклучително функционален, но можеби со недостаток на онаа врвна ѕвездена креативност потребна за да се стигне подалеку од четвртфиналето. Во отсуство на Симонс и повредениот Џерди Шутен, Куман се потпира на проверени сили во средината, давајќи им предност на Мартен де Рон и Квинтен Тимбер (чиј брат близнак, Џуриен Тимбер од Арсенал, исто така е во тимот и покрај проблемите со препоните).
Во нападот, сите очи ќе бидат вперени во Дониел Мален. Напаѓачот игра во животна форма откако во јануари се пресели во Рома (15 голови на 20 натпревари), а сега се очекува да дејствува по десната крилна позиција за да му биде поддршка на Мемфис Депај, рекордерот по број на голови за националниот тим, кој сега настапува за бразилски Коринтијанс.
Холандија, која трипати играла финале на Светските првенства но никогаш не го освоила трофејот, се наоѓа во Групата Ф каде силите ќе ги одмери со Јапонија (14 јуни), Шведска (20 јуни) и Тунис (25 јуни).
Комплетниот состав на Холандија за СП 2026:
Голмани: Барт Вербруген (Брајтон), Робин Роефс (Сандерленд), Марк Флекен (Баер Леверкузен).
Одбрана: Џуриен Тимбер (Арсенал), Мики ван де Вен (Тотенхем), Вирџил ван Дајк (Ливерпул), Нејтан Аке (Манчестер Сити), Жорел Хато (Челси), Дензел Думфрис (Интер), Јан Пол ван Хеке (Брајтон).
Средина: Рајан Гравенберх (Ливерпул), Тијани Рејндерс (Манчестер Сити), Френки де Јонг (Барселона), Теун Копмејнерс (Јувентус), Мартен де Рон (Аталанта), Квинтен Тимбер (Марсеј), Гус Тил (ПСВ Ајндховен), Матс Вифер (Брајтон).
Напад: Брајан Бробеј (Сандерленд), Мемфис Депај (Коринтијанс), Коди Гакпо (Ливерпул), Џастин Клајверт (Борнмут), Ноа Ланг (Галатасарај), Дониел Мален (Рома), Крисенсио Самервил (Вест Хем), Вут Вегхорст (Ајакс).



