Популарната игра Football Manager 25 и официјално е откажана. Најновата верзија најпрво требаше да биде пуштена на почетокот на ноември 2024 година, но оттогаш нејзиното лансирање во етерот беше два пати поместено. Најпрво, датумот на пуштање беше преместен за подоцна во истиот месец, но по дополнителни компликации беше повторно одложен за во март. Но, сега компанијата која ја развива играта, “Sports Interactive”, и официјално даде изјава дека нема да има нова игра оваа сезона.
Ова се значајни вести за “Sports Interactive” и “SEGA”, како и за милионите фанови ширум светот кој ја играат играта, но исто така и за онлајн заедницата на гејмери кои создаваат содржина за “YouTube” и другите веб страни за стриминг.

Но, што се случи за нејзиното откажување? Во изјавата од јапонската холдинг компанија која ја поседува компанијата за видео игри “SEGA”, изјавија дека оваа верзија на играта е откажана поради тоа што им е потребно повеќе време да ја развијат графиката и начинот на кој корисниците ја користат играта, а дека она што досега е развиено ќе биде префрлено во наредната верзија.
“Sports Interactive” исто така излезе со своја изјава на веб страната на Football Manager и социјалните мрежи, велејќи дека не успеале навреме да ја развијат играта според стандардите кои се очекуваат од нив.
“И покрај феноменалните напори на нашиот тим, поради повеќе предизвици за кои отворено кажувавме и претходно, но и поради многу други кои не ги предвидовме, не успеавме навреме да ги развиеме одредени делови од играта. Секоја одлука за одложување беше направена со надеж дека ќе ја доведеме играта поблиску до посакуваното ниво, но како што истекуваше времето стана јасно дека нема да успееме да ги постигнеме стандардите, дури и во продолжениот рок”, се вели во соопштението.
Првите две одложувања на играта ја наговестија можноста за откажување на оваа верзија, а во дел од изјавите тогаш се велеше дека после тестирање на играта произлегле проблеми со “квалитетот и начинот на играње кои не ги задоволуваат стандардите”.

Зошто оваа верзија од играта е толку тешка да се направи?
Уште од првата верзија на играта под ова име во 2004 година, Football Manager е развивана од внатрешен тим на девелопери и сопствен “engine”. Engine-от е системот околу кој се гради сè друго, вклучувајќи го и дизајнот и корисничкото искуство. После скоро две декади, во 2023 година, директорот на компанијата Мајлс Џејкобсон објави дека компанијата составила тим за барање на надворешен engine што ќе помогне во идните надградби на франшизата.
“Според моите сфаќања играта беше изградена на истата технологија повеќе од 20 години и мораше да биде направена промена. После евалуацијата на неколку engines, одлучија да одат со Unity”, изјави поранешниот директор за комуникации на компанијата за магазинот “The Athletic”.
“Unity” е голем играч во светот на игрите и се користи за илјадници игри, па челниците на компанијата сметале дека ова може да ја подобри графиката на играта и да го подобри целосното искуство на играчите. Но, промената на engine-от не е едноставен процес, па искусните познавачи велат дека најверојатно дошло до технички разлики при префрлувањето на податоците кои биле стари 20 години. Иако се очекува промената да донесе многу значајни позитивни достигнувања во иднина, самиот процес на промена е мачен и тежок, бидејќи станува збор за различни правила, формати на документите и разлика во резолуциите до претходните години.

Зошто се крена толку голема фама околу одложувањето на играта?
Football Manager е гигант во светот на видео игрите. Претходната верзија на играта, која беше пуштена кон крајот на 2023 година, има над 14 милиони корисници ширум светот.
Football Manager е една од иконите на гејмингот, инспирирајќи страсна посветеност и манија кај генерации и генерации на фудбалски фанови кои се сигурни дека играат подобро отколку одбраните тимови во вистинскиот свет. Но, нејзиното влијание ги преминува границите на гејмингот, па како што станува фудбалот сè повеќе и повеќе базиран на собирање податоци, се зголемува и бројот на случаи каде талент менаџерите ги користат податоците од Football Manager за да најдат нови играчи за своите тимови.
Но, иако природно играчите ширум светот беа разочарани од веста за одложувањето на новата верзија, сепак сите се согласни дека подобро е да се почека отколку да биде пуштена игра полна со багови и проблеми, што на долг рок ќе донесе поголемо разочарување и проблеми.
Допрва се чека на објавување на новиот датум за Football Manager 26, но ако може да се земе претходниот тренд на објавување на игрите, тогаш фановите би можеле да ја очекуваат оваа верзија на почетокот од ноември.



