Регионот е на прагот да добие сопствена патека изградена по највисоките светски стандарди, која во иднина би можела да ги пречека најбрзите болиди на денешницата. Меѓународниот автодром „Croatia Ring“ направи огромен чекор напред откако хрватското Министерство за заштита на животната средина го одобри еколошкиот елаборат за овој грандиозен проект. Со ова се отвора патот за изградба на модерен комплекс.
Највисоки ФИА стандарди на патеката крај реката Корана
Проектот се планира да се гради северно од градот Слуњ, поточно на подрачјето меѓу населбите Вељун и Благај, во непосредна близина на реката Корана. Интересно е што точната локација на идниот автодром веќе може да се најде и е означена на „Google Maps“ под името „Croatia Ring“.
Самата патека е проектно замислена според „FIA Grade 1“ спецификациите. Ова е највисоката можна категорија на хомологација која овозможува организирање на трки од највисок ранг, вклучувајќи ја и Формула 1. Главниот дел од автодромот ќе го сочинува патека со должина од 4,2 километри, која ќе содржи 12 свиоци и висинска разлика поголема од 34 метри. Патеката ќе има повеќе различни конфигурации за користење и ќе биде наменета за автомобилски и мотоциклистички натпревари, тестирања на возила, комерцијални настани и школи за безбедно возење.
Луксузен туристички комплекс за 18.000 гледачи
Вкупната површина на целиот комплекс изнесува околу 50 хектари. Од нив, дури 40 хектари се наменети исклучиво за автодромот, падокот, сервисните објекти и придружната инфраструктура, додека преостанатите 10 хектари ќе бидат искористени за развој на туристички и угостителски содржини. Проектот предвидува изградба на бутик хотел, луксузни апартмани, вили и ексклузивни ложи со директен поглед на патеката, со капацитет да примат околу 520 гости дневно.
За време на големите трки, кои се планира да се одржуваат еднаш или двапати годишно, комплексот ќе може да прими речиси 18.000 посетители. Природните трибини ќе имаат капацитет за 15.000 гледачи, а ќе бидат изградени и ВИП простори, како и модерен медиумски центар за потребите на врвни телевизиски преноси. Постоечките станбени објекти и викендички на таа локација веќе се откупени или ќе бидат предмет на експропријација и отстранети пред почетокот на изградбата, додека постоечката бензинска станица ќе остане во функција во рамките на комплексот.

Две години градба под строги еколошки правила
Инвеститор во овој мега-проект е компанијата „Автомотодром Плитвице“ на Анте Бушиќ, додека партнер и водач на проектот е Даворин Штетнер. Штетнер за медиумите изјави дека процедурата била исклучително комплексна, но дека тимот успеал да одговори на сите строги барања на струката и министерството, нагласувајќи дека овој проект ќе донесе огромни бенефити за Карловачката жупанија, но и за цела Хрватска.
Изградбата е планирано да се одвива во три фази во период од две години. Во првата фаза ќе се градат патеката, падокот, ВИП ложите и сервисните објекти, во втората фаза хотелот, а во финалната фаза луксузните вили и дополнителните туристички содржини.

За потребите на патеката ќе биде потребно да се ископаат повеќе од 1,18 милиони кубни метри материјал, при што не се исклучува и ограничено минирање на карпестиот дел од теренот. И покрај обемните градежни работи, елаборатот гарантира дека повеќе од 60 проценти од вкупната површина ќе остане под зеленило, што е многу повеќе од минималните еколошки барања на просторниот план. „Croatia Ring“ е дефиниран како проект од регионално значење кој има за цел да стане нов епицентар на хрватскиот моторспорт, но и силна туристичка атракција за континенталниот дел на земјата.



